1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нови преговори за обединување на Кипар

Петер Филип3 септември 2008

Денеска почнуваат официјалните преговори за повторно обединување на Кипар. „Ова е најголема шанса по цела една генерација“ оцени висок дипломат на ОН, кој е дел од преговорите. Кои се историските корени на проблемот?

https://p.dw.com/p/FAPL
Границата меѓу турскиот и грчкиот дел на КипарФотографија: AP

Кипар, како стратешка точка во источниот дел од Средоземното море, беше од секогаш многу посакуван објект. Во 19-тиот век Британците успеаја да го земат под наем островот од Османлиското Царство, кое во тоа време владееше со Кипар. По распадот на Османлиското царство во Првата светска војна, Британците едноставно го анектираа островот и го прогласија за колонија на Британското Кралство во 1925 година.

Спас во присоединување кон Грција

Кипарските Грци долго гледаа спас од колонијалното ропство во присоединување кон Грција. За таа цел основаа и подземна организација под името ЕОКА. Дури во 1960-та Британија како колонијална сила реши да му даде независност на Кипар, при што Лондон, Анкара и Атина ја презедоа улогата на сили заштитнички.

За да може да го штити турското малцинство од околу 18% во вкупното население од околу еден милион жители, Анкара доби право на вето по сите суштински важни прашања. Тоа ги разлути припадниците на грчкото мнозинско население и почнаа да се водат борби, што мораше да ги сопрат припадници на ОН. Главниот град Никозија беше поделен, а сините шлемови мораа да ги раздвојуваат завојуваните страни и во повеќе други места на Кипар.

Кобната 1974

Во 1974-та приврзаници на грчката воена хунта извршија пуч против избраниот Претседател на Кипар, надбискупот Макариос. Тие го сметаа него за пречка во настојувањата за припојување кон Грција. Само една недела по тој чекор, тогашниот турски премиер Булент Еџевит даде зелено светло за воена операција на армијата, која во две фази го освои северниот дел на Кипар, населен со турско население. Дојде до преселби на малцинствата и создавање хомогени територии.

„Тенко“ маслиново гранче

Кон крајот на 1974-та Макариос се врати во Никозија, но не донесе и решение за поделбата што се случи во меѓувреме: „Доаѓам со маслиново гранче в рака, што им го нудам на турските сограѓани. Но, нема да отстапам ни од земја, ни од води. Тоа е симбол на срамота и на потчинување.“

Девет години по инвазијата на турската армија северниот дел од Кипар прогласи независност, што не го призна никој освен официјална Анкара. Таа форсираше и преселба на турско население од земјата матица на островот, за да се подобри демографската слика во полза на кипарските Турци. Но, ни стоте илјади доселеници не сменија многу, бидејќи дел од кипарските Турци се исели во светот.

Унитарно решение тешко замисливо

Поради целиот историски развој на настаните јасно е дека Кипар никогаш повеќе нема да може да стане унитарна република. Единствено што преостанува е решение со две државни творби и лабава централна влада. ЕУ во 2004-та на притисок на грчката влада го прими јужниот, грчки дел на островот, како полноправен член. Но, Унијата до сега нема понудено реално решение за проблемот. Тоа останува во надлежност на страните во конфликтот.

Претседателот на грчкиот дел, Кристофијас бара повлекување на турските сили и враќање на доселениците од турската земја матица. Такво нешто не доаѓа предвид за лидерот на кипарските Турци, Талат: „Замислете си, Кипар е во ЕУ, а Турција не е. Кипарските Турци нема да се чувствуваат безбедно во таква ситуација.“

Значи, преговорите имаат мали шанси ако Кристофијас инсистира на спомнатите предуслови. Тие се неприфатливи за Анкара, а нејзиниот збор ќе го послуша и Талат – сакал или не!