1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нови предизвици за македонските земјоделци

15 декември 2010

Македонските земјоделци наскоро не ќе можат да извезуваат храна во земјите на ЕУ, ако итно не обезбедат соодветна контрола во поглед на користењето на минералните ѓубрива и пестицидите кои ја загадуваат почвата.

https://p.dw.com/p/QYt4
Новите стандарди ќе ги засегнат сите: гроздобер во МакедонијаФотографија: dpa

Македонскиот експерт Васко Златковски од Факултетот за земјоделство предупредува:

„За да може еден земјоделски производ или прехранбен производ да се пласира во земјите од ЕУ мора да биде поткрепен со соодветна евиденција за целокупното негово потекло, независно дали се работи за свежа состојба или за преработка. Оној којшто го откупува од него ќе бара сертификат за анализа од овластена лабораторија, за тоа дека резултатите што ги нуди производителот и преработувачот се такви како што тој ги тврди‘‘.

Од македонското Министерство за земјоделство за Дојче Веле ни потврдуваат дека во македонското земјоделство се користат минерални ѓубрива и пестициди, но сето тоа е контролирано, вели портпаролот Соња Трајкова. „Може да се каже дека земјоделските производители внимаваат на тоа што користат како минерални ѓубрива, односно тие се ставени на листата на дозволени. Исто така во програмата за субвенционирање на земјоделството има и ставка кофинансирање, државата покрива дел од трошоците за изработка агропочвени анализи‘‘.

Mazedonien Land und Leute Landwirtschaft
Најтешко им е на индивидуалните произведувачиФотографија: Nikos Pilos

„Немаме алтернатива“

Земјоделците пак имаат свој став. Според нив невозможно е да се добие квалитетен производ ако почвата не се прихрани со хемиски препарати, вели Дејан Петровски земјоделец од Градско. „Ние ги користиме пестицидите затоа што без пестициди не можеме да се справиме со штетниците на растенијата. Исто така користиме и минерални ѓубрива, бидејќи немаме доволно органски ѓубрива. За органско производство размислуваме, но сега засега почвата да се испита ни е многу скапо, а никој не ни понудил, а и не знаеме каде се врши анализата‘‘.

Експертите велат дека македонските земјоделци треба да сфатат оти мораат да направат агротехничка анализа на почвата која ќе им ја гарантира безбедноста на нивниот производ, а ќе им ја намали и цената на чинење на производството. Воедно за оваа намена имаат и субвенции од државата. „Земјоделците се должни да извршат агрохемиска анализа. Затоа што со многу анализи се утврдило дека и немало потреба да се ѓубри почвата. Значи тука се работи за менување на навиките на македонскиот земјоделец, доколку ќе сака да произведува за извоз‘‘.

ANUGA Vincini Produkte
Во иднина потешко до европските пазари: македонски производи на Саемот „Ануга“ во КелнФотографија: DW

Промена и на домашниот пазар

Освен во ЕУ, македонските земјоделци наскоро не ќе можат да ги пласираат производите ни во македонските маркети, затоа што и македонските потрошувачи се’ повеќе бараат безбедна храна со декларација, потенцираат експертите. „Нашите трговци се обврзани според законите и сите други трговски правила, пишани и непишани, да изложуваат во своите маркети и продавници храна која е со безбеден карактер. Тоа и населението, потрошувачите во Македонија ќе го бара и веќе го бара.“

Експертите од Факултетите за земјоделство во Штип и Скопје преку тематски средби веќе започнаа да ги едуцираат земјоделците на оваа тема, а предавањата ќе продолжат и во наредната година. Експертите затоа им порачуваат: „како итно решение, кое што треба да им биде наметнато, е потребата земјоделците да соработуваат со стручните служби, независно дали се работи за приватни или јавни советодавни институции и интензивно да се интересираат за новините коишто ги носат пазарите на државите од ЕУ каде што сакаат да извезуваат.“

Автор: Антоанела Димитриевска

Редактор: Горан Чутаноски