1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нови протести во Турција - Брисел и Берлин загрижени

ЖА/дпа/афп/ртре3 јуни 2013

Полицијата во Анкара денеска (03.06) повторно употреби солзавец против демонстрантите. Турскиот претседател Абдула Ѓул сигнализираше отстапки. ЕУ и Германија се загрижени од употребата на сила.

https://p.dw.com/p/18j2u
Фотографија: Reuters

Во Анкара полицијата денеска повторно употреби солзавец за да ги растера неколкуте стотици, главно млади демонстранти, собрани на централниот плоштад во градот. Падна и првата жртва. Дваесетгодишно момче загина во такси кое било нападнато од група демонстранти на булевар во Истанбул за време на антивладиниот протест. Тоа е првиот смртен случај од почетокот на протестите во Турција. Во инцидентот се повредени четири други луѓе, од кои еден е во тешка состојба.

Ноќеска полицијата во Истанбул со сила ги растураше илјадниците демонстранти собрани пред канцеларијата на премиерот Реџеп Таип Ердоган. Масата извикуваше: „Диктаторе, дај оставка“, „Ние ќе се браниме, ние ќе победиме“. Полицијата реагираше со водени топови и солзавец.

Истанбул со денови е арена на жестоки судири меѓу демонстрантите и полицијата. Тие започна со протестите против изградбата на трговски центар во еден омилен парк на централниот плоштад Таксим. Во знак на солидарност со демонстрантите во Истанбул, протестите се проширија и во други турски градови, но се пренасочија против владата. На премиерот Ердоган му се префрлува за премногу авторитарен стил на владеење и се критикува неговиот курс кон исламизација на турското општество.

Türkei Proteste Regierung Izmir
Фотографија: Reuters

Турскиот претседател Абдула Ѓул денеска сигнализираше отстапки кон демонстрантите:

„Демократијата не значи само избори“, изјавил тој според новинската агенција Анадолу. Изразувањето различни мислења преку мирни демонстрации е целосно нормално, изјавил Ѓул.

„Добронамерно испратените пораки ќе бидат примени“, уверил претседателот, кој како и Ердоган припаѓа на исламско-конзервативната Партија за правда и развој.

Ердоган самиот останува непопустлив.

„Ние ќе останеме консеквентни. Останете мирни, ние ќе го надминеме ова“, изјави Ердоган пред заминувањето за Мароко. Според него, народот ќе го каже мислењето на избори, а засега нема збор од некаква „турска пролет“.

Министерството за внатрешни работи соопшти дека од петокот се уапсени вкупно 1.700 луѓе, но најголем дел кратко потоа пуштени. Биле регистрирани 235 протести во 67 градови.

Германија и ЕУ изразија загриженост поради насилството на протестите против владата на Ердоган. Германската канцеларка Ангела Меркел денеска ја повика турската влада да манифестира воздржаност по четирите дена протести во државата.

„Сега е време за дијалог“, изјави портпаролот на Меркел, Штефен Зајберт.

„Важно е во сегашната тензична ситуација сите страни да пројават претпазливост. Правото на граѓаните на слобода на изразување е основно право во демократијата“, додаде тој.

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика Кетрин Ештон го критикуваше „несразмерното употребување сила“ од страна на полицијата, повикувајќи ги сите засегнати на разумност и деескалација преку дијалог.