1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нови тензии меѓу НАТО и Русија околу ракетната одбрана

8 декември 2011

Русија има намера со стационирање ракети во Калининград да одговори на планираниот систем на НАТО за одбрана од ракетни напади. Фронтовите се зацврстени пред денешната (08.12) средба на Советот НАТО-Русија во Брисел.

https://p.dw.com/p/13OaM
Совет НАТО-Русија, денес (08.12) во БриселФотографија: AP GraphicsBank/DW

Главната тема на вчерашниот прв ден од средбата на министрите за надворешни работи на НАТО во Брисел требаше всушност да биде билансот на меѓународната конференција за Авганистан што се одржа во Бон. Меѓутоа, таа брзо падна во втор план по најавата на Русија еден ден пред средбата на Советот НАТО-Русија дека на планираниот систем на НАТО за одбрана од ракетни напади во Европа ќе реагира со поставување ракетни лансери во својата енклава Калининград, што значи во непосредна близина на земјите од Алијансата.

Расмусен: Потсетување на студената војна

За Генералниот секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен, тоа не е ништо друго освен „непотребно трошење пари“. Тој нагласи дека ракетниот одбранбен систем не е насочен против Русија, туку против земји како Иран.

Brüssel NATO Treffen Fogh Rasmussen
Расмусен: НАТО и Русија имаат очигледен интерес да соработуваатФотографија: dapd

„Забележавме дека Русија е подготвена да одговори на нашите планови со стационирање ракетни системи во соседни области на Алијансата. Морам да кажам дека таквите одговори не‘ потсетуваат на конфронтацијата од една одамна мината ера. Нивниот став сугерира фундаментално недоразбирање околу обемот на нашата ракетна одбрана и нејзината цел“, рече Расмусен .

Тој истакна дека со задоволство ги очекува разговорите со шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров кој денеска во Брисел ќе присуствува на средбата на Советот Русија - НАТО.

Без преголеми очекувања од средбата во Брисел

„НАТО и Русија имаат очигледен и докажан интерес да работат заедно. Во многу важни области ние веќе работиме заедно и јас цврсто верувам дека има голем потенцијал за нас да соработуваме уште потесно“, нагласи генералниот секретар на Алијансата.

Treffen der Nato-Außenminister und Russland Sergej Lawrow
Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров ќе присуствува на Советот НАТО - РусијаФотографија: picture alliance/dpa

Расмусен изрази надеж дека на наредниот самит на НАТО во Чикаго, во мај наредната година, ќе биде постигнат договор со Русија за ракетниот одбранбен систем.

Од НАТО велат дека Алијансата е упатена на соработката со Русија , како на пример при снабдувањето на трупите во Авганистан и затоа министрите за надворешни работи на 28-те членки на НАТО денеска на средбата со рускиот колега Лавров ќе се обидат да ги ублажат тензиите.

Поради заострените позиции меѓутоа, дипломатите не очекуваат дека на состанокот во Брисел ќе биде постигната некаква согласност.

Автор: Симе Недевски/дпа/дапд/дв

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска