1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ново крвопролевање во Египет

Б. Георгиевски/ап/афп7 октомври 2013

Најмалку 50 луѓе ги загубиле животите во синоќешните судири меѓу исламистите и армијата во Каиро и во други градови. Протестите избувнаа за време на прославата на националниот празник.

https://p.dw.com/p/19uZx
Фотографија: Reuters

Во судирите на безбедносните сили и симпатизерите на поранешниот исламистички претседател Мохамед Мурси има и повеќе од 250 повредени, а стотици луѓе биле уапсени ширум земјата.

Ова е најголемиот број жртви во еден ден, од 14. август кога армијата во Каиро ги нападна двата кампови со симпатизери на Мурси од неговото Муслиманско братство. Тогаш животот го загубија околу илјада луѓе.

Националниот празник вчера се претвори во бојно поле откако симпатизерите на Мурси се судрија со армиските сили и со нејзините поддржувачи.

Одредени делови на Каиро наликуваа на воени зони, а уличните борби траеја со часови. Врз полицијата било пукано од огнено оружје, а биле фрлани и молотови коктели, а таа возвраќала со боева муниција и со солзавец. Повеќето од жртвите имале прострелни рани во главите и на градите.

По повеќенеделен привиден мир, симпатизерите на Муслиманското братство вчера се обидоа на симболичен начин повторно да го заземат плоштадот Тахрир во Каиро. Но таму веќе се наоѓаа илјадници луѓе - армиски симпатизери, кои го прославуваа националниот празник.

Нови протести неделава

Египетската армија со голема гордост го прославува денот на почетокот на Октомвриската војна, во Израел позната и како Јом Кипур, во 1973. година, по која Египет успеа да ја врати контролата врз Синајскиот полуостров.

И покрај жестоките судири во Каиро и во други градови, армијата одржа раскошна прослава на стадион во Каиро во рамките на која настапија и бројни музички ѕвезди од арапскиот свет, а настанот беше директно пренесуван на националната телевизија.

Ägypten Kairo Tahrir Platz Soldaten Absperrung 06.10.2013
Фотографија: picture-alliance/AP

Исламистичките групи повикаа на нови протести во текот на неделава. Нивниот повик е особено адресиран кон студентите и учениците од кои се бара во вторник да излезат на протест против „постојаните масакри“.

На ваквите повици одговори началникот на генералштабот на египетската армија, генералот Абдел Фатах Ел Сиси.

„Има такви кои мислат дека армијата може да биде поразена“, рече Сиси. „Дали ги гледате пирамидите? Армијата е како пирамидите, бидејќи египетскиот народ е на страната на армијата“.