1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ново лице на Америка

Коментар на Кристина Бергман21 јануари 2009

Инаугурацискиот говор на Барак Обама се очекуваше со напрегнатост. Тој рече дека Американците би морале повеќе да се трудат за да ја надминат кризата што ја зафати земјата. Но, тој им даде на луѓето и храброст.

https://p.dw.com/p/Gdbq
Барак Обама бара од Американците да засучат ракавиФотографија: AP

На овој ден чекаа милиони луѓе во САД и во цел свет. Со положувањето на заклетвата на Барак Обама, Америка доби ново, поинакво лице. Лице кое не гледа само во предвреме одбраната насока, без оглед на загубите, туку лице кое гледа лево и десно и предвид ги има и пријателите и критичарите, што на непријателите им гледа в очи и со нив барем разговара. Времињата на политички еднострани потези се минато, вети Барак Обама. Говорот на новиот американски претседател беше и јасно „не“ за политиката на неговиот претходник, Џорџ Буш. Обама ги предупреди сонародниците, во обидот да бидат што побезбедни, да не се откажуваат од американските вредности. Фактот дека Америка е најмоќната воена сила на светот, не значи и дека може да прави се‘ според сопствената волја. И претседателот рече дека ќе се ориентира повеќе според научните сознанија, отколку според идеологиите. Приврзаниците го избраа поради неговите убедувања. Во говорот тој ги исполни како нивните барања, така и очекувањата на остатокот на светот.

Obama Inauguration
Обама вети брзо повлекување од ИракФотографија: AP

Не се може сам

Истовремено, Барак Обама ги амортизираше претераните надежи во него и очекувањата од неговиот мандат. Ниту еден човек не е во состојба да го исполни тоа. За такво нешто актуелната криза е предлабока, а проблемите - премногуслојни. Но, Обама нема да се извлекува од одговорноста. Повторно, и во првиот говор како претседател, вети организирано повлекување од Ирак, мир во Авганистан, нуклеарно разоружување, борба против промените на климата. Веќе наскоро ќе биде оценуван според успесите или барем - напредокот по овие прашања, а пред се‘ според справувањето со економската мизерија што ја зафати земјата.

Во својот говор стави јасно до знаење дека тоа не може да го направи сам. Од своите сонародници Обама побара да ги засучат ракавите. Повикан е секој, согласно традицијата на Џон Кенеди и Френклин Рузвелт.

Борбата за рамноправност не е завршена

Меѓутоа, новото лице на Америка не само што гледа во друга насока, туку има и друга боја на кожата. Во својот говор Обама рече дека пред само 60 години неговиот татко не би бил услужен во поголемиот дел од рестораните во земјата. Тоа што работите се променети е благодарение на неуморниот стремеж на нацијата кон идеалите на нејзините основачи. Со преземањето на должноста претседател од страна на Обама, се исполни надежта на афроамериканците во која многумина не веруваа.

Martin Luther King
Мартин Лутер Кинг - најголемиот борец за правата на црнцитеФотографија: AP

Притоа, борбата на афроамериканците за рамноправност не е завршена. Се‘ уште црнците заработуваат помалку од белците во САД, се‘ уште црните деца се помалку образувани од нивните бели врсници. Но, САД, со преземањето на должноста на претседателот Барак Обама, многу се доближија до остварување на сонот за кој зборуваше црниот борец за човекови права, Мартин Лутер Кинг за време на неговиот марш во Вашингтон, сонот за мирен соживот на црнците и белците.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи