1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

G20 Kommentar

24 септември 2009

Во Питсбург во преден план ќе биде стабилизацијата на светските финансиски пазари, но всушност станува збор за уште нешто друго - за нов светски поредок.

https://p.dw.com/p/JnsY
Фотографија: AP

В петок нема да недостасуваат големи зборови. На завршната прес-конференција шефовите на државите од Г20 ќе објават дека се спасители на светот. За американскиот претседател Барак Обама самитот е шанса конечно повторно во позитивна смисла да се најде во насловите, откако во анкетите нагло му опаѓа популарноста. За германскиот канцелар Ангела Меркел, пак, тоа е последен голем настап на меѓународната сцена на два дена пред парламентарните избори. Веќе може да се насети дека основен тон во сите излагања ќе биде задоволството од постигнатото.

Колку е постигнато?

Само, мора сосем сериозно да се постави прашањето: што постигнаа 20-темина од нивната прва средба пред девет месеци во Вашингтон? Целта им беше да се создаде нов светски финансиски поредок, за веќе да не се повтори криза каква што светот немаше доживеано за последните 80 години.

G20 Gipfel in Pittsburgh USA 2009
Фотографија: dpa/pa

Денес често може да се слушне: од кризата не е извлечена никаква поука. Тоа може и да е точно во некои случаи, но не е ни целата вистина. Некои банки навистина сега имаат нов систем на наградување или барем ги ставаат под прашање превисоките премии. Навистина пресушуваат и даночните оази. Банките навистина мораат денес да чуваат повеќе капитал, за малку да се придуши коцкањето со позајмени пари. Но, точно е и дека сето тоа не е доволно. За да се реформира банкарскиот систем потребно е повеќе, отколку само ставање горна граница за премиите. Поважно е да се ограничи големината на банките - тие не смеат да бидат преголеми, за да не го загрозат целиот систем ако банроктираат. Така не ќе можат ни да ги уценуваат државите, за да ги одржуваат во живот со милијарди од даночните пари.

Контурите на новиот поредок се гледаат

Предлозите на Европејците се токму во таа насока. Но, нема да наидат на ехо. Двете најголеми банки во светот се кинески и тешко е да се очекува кинескиот претседател да се согласи за ограничување на билансната сума на банките. Потоа, со надминувањето на рецесијата попушта и притисокот од страдањето, опаѓа и реформската ревност. Голема е опасноста во Питсбург на крајот да се остане на изјави за намерите, а деталите да треба да ги договорат експерти во жилави преговори.

Но, едно нешто во секој случај ќе го доживееме во Питсбург: ќе бидат се’ повидливи контурите на новиот светски поредок. Г8 како самонаречена светска влада го отслужи своето. Проблемите на светот, предизвикани токму од тие држави, веќе не можат самите да ги решат. Г20, барем за догледно време, е тело кое значително подобро ги репрезентира односите во светот.

Коментар на Хенрик Беме

Превод: Зоран Јордановски

Редактор: Жана Ацеска