1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нов блесок на Металург

Златко Калински 8 октомври 2012

Ракометарите на Металург стартуваа во одлична форма во Лигата на шампионите. Вториот натпревар од групната фаза го завршија со победнички 30:23 против словенечкиот Горење од Велење.

https://p.dw.com/p/16MFT
Фотографија: picture-alliance/Sven Simon

Амбицирани, мотивирани по победничкото враќање мината недела од силното француско ракометно поднебје, ракометарите на Металург блескаа и во Скопје. Во ниту еден момент не му дадоа шанса на Горење, првакот на Словенија, чии играчи ја сочинуваат главнината и репрезентацијата на оваа земја.

Најмладиот во тимот на Металург, Дејан Манасков беше еден од најистакнатите поединци. Вели, противникот беше добро проучен: „Се подготвувавме целата измината недела за овој противник и добро беше проанализирана нивната игра. На крај победивме уверливо. Можеме да бидеме задоволни од она што го прикажавме“.

Металург и полскиот Кјелце се со максимален учинок во групата. Манасков е искрен. Ваков старт со две победи скоро и да не бил очекуван. Сега, вратите за висок узлет во групната фаза се отворени: „Ваков добар старт не беше очекуван во клубот. Ги изненадивме и Шамбери и Горење со нашата игра. Со ова ширум ни се отвораат вратите за наредната нокаут фаза. Мислам дека ќе се бориме за едно од првите две места во групата. Морам да ја истакнам и нашата публика, која е одлична и пред која тешко дека дома некој ќе може да не победи“.

Во Силкеборг по нови бодови

Во третото коло следи гостување во Силкеборг, во Данска земјата која е актуелен европски првак. Данците во второто коло го поразија Шамбери. Манасков е свесен за тежината на новиот предизвик. Но, деновиве добро ќе ја проучат и нивната игра, па можеби ќе уследи и трета радост:

„Пред нас е цела недела со можност да ја проучиме играта на Данците. Мислам дека можеме да ги изненадиме и да донесеме нови бодови од гостувањето“.

Брзината, нов квалитет во играта

Металург од година на година расте во очите на ракометна Европа. Пред се’ со унапредување на играта:

„Лани го направивме најголемиот успех во историјата на клубот. Се пласиравме во топ 16 од Лигата на шампионите. Оваа година ни се насмевнува остварување на истата цел. Компарирајќи ја минатата и оваа сезона, мислам дека сега играме многу побрзо. Истрчуваме многу повеќе контри и даваме повеќе таканаречени ’лесни’ голови“.

Дејан Манасков игра на позиција на лево крило. Место кое го дели со ветеранот во екипата Стевче Алушевски. Вели, неговото присуство и совети му се драгоцени: „Стевче е голем спортист и пример како треба да изгледа еден спортист. За цело време откако играме заедно ми помага, ме советува, ми укажува. Од него многу научив“.

А, поткрепата доаѓа и од неговиот татко, најславното македонско ракометно име Пепи Манасков: „Истото го прави и мојот татко, со советите, кои за мене се драгоцени. Чест ми е и горд сум што сум син на таква спортска легенда“.

Дејан Манасков, кој штотуку наполни 20 години е студент на ФОН Универзитетот во Скопје. Минува низ период на секавичен ракометен растеж преполн со убави резултатски сништа. Во дресот на Металург, но и на репрезентацијата на Македонија, чии бои ги бранеше на последното Европско првенство, а ќе биде дел и од составот за претстојното Светско првенство во Шпанија.