1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нов воен пуч во Мали

АТ/ миа/ афп/ дпа11 декември 2012

Неколку часа откако беше насилно уапсен од армијата, премиерот на Мали објави оставка на целата влада. Причините за оставката не ги наведе.

https://p.dw.com/p/16zgB
Фотографија: Habibou Kouyate/AFP/GettyImages

Премиерот на Мали, Шеик Диара објави дека тој и целата влада поднесуваат оставка, само неколу часа откако беше приведен од армиските сили, кои на 22. март го симнаа од власт претседателот Амаду Туре.

„Јас, Шеик Модибо Диара, поднесувам оставка заедно со мојата влада“, изјави премиерот во кусото обраќање преку телевизијата. Тој не ја кажа причината за оставката. Им заблагодари на соработниците и им посака успех на новите раководители, кои ќе ја преземат власта.

Диара беше приведен синоќа во домот во Бамако од дваесетина војници по наредба на капетан Амаду Саного, шеф на тимот армиски сили кои извршија воен удар на 22. март. По превратот, северниот дел од Мали беше заземен од исламистите.

Министрите за надворешни работи на ЕУ вчера во Брисел го усвоија т.н. концепт за ангажман во кризен регион на Унијата во Мали. Според него, државите на ЕУ треба да ги подржат со обука владините трупи на Мали. На овој начин треба да им се помогне успешно да ја водат борбата против бунтовниците и да се грижат за безбедноста на земјата. За таа цел во земјата треба да бидат испратени 200 до 250 стручњаци.

ЕУ постојано изрично нагласува дека нема да учествува во директни воени интервенции.