1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нов допинг-скандал на Тур де Франс

Тони Гламчевски25 јули 2007

Трката предвреме ја заврши екипата на Астана од Казахстан,кај нивниот тркач,фаворитот Винокуров откриени траги на допинг

https://p.dw.com/p/BLvs
Фотографија: picture-alliance/dpa

Тур де Франс 2007 како да е проколната. Допинг аферите од ден на ден стануваат се понеподносливи за љубителите на велосипедизмот. Вчерашниот ден наменет за одмор на учесниците, се претвори во кошмар за организаторите на трката.

Тур де Франс вчера заврши за екипата Астана и нивната ѕвезда, Казахстанецот Александар Винокуров, победник на последната планинска етапа во Пиеренеите. Во оваа екипа се наоѓаше и еден од серизоните фаворити за победа, Германецот Андреас Клоден.

„Во согласност со етичкиот кодекс на екипата, веднаш го суспендуиравме Александар Винокуров и веднаш го испративме дома. Тоа беше најдоброто за имиџот на трката и за имиџот на велосипедизмот општо земено, затоа нашата екипа ја напушта Тур де Франс, при што ги прифаќам аргументите.“ – соопшти менаџерот на Астана, Марк Бивер.

Аргументите се резултатите од антидопинг контролата извршена во саботата, кога во крвта на Винокуров беа откриени траги од хомологена трансфузија на крв.Станува збор за трансфузија на своја сопствена крв или крв на компатибилен дарител, со цел да се зголеми количеството на хемоглобин и на црвените крвни зрнца за полесно пренесување на кислородот.

Во Алби, Винокуров извојува победа во трката против хронометарот возејќи со просечна брзина од околу 49 километри на час. Во неделата, Казахстанецот доцнеше цели 30 минути, за во понеделникот повторно да биде убедливо прв. Форма во вид на пила, велат велосипедистите.

Осуда од раководството на трката

Дирекцијата на Тур де Франс отворено го осуди однесувањето на Винокуров.

„Играат руски рулет,ако продолжат некои од нив да лажат и оцрнуваат цел еден спорт на апсолутно скандалозен начин, треба да сватат дека ние сме одлучни да се бориме против тоа“, беше јасен директорот на Тур де Франс, Кристијан Прудоме.

Разочарување кај учесниците

Другите учесници на трката се шокирани.

„Шокиран сум, шокиран и разочаран, бидејќи го сакав многу“, вели Дејвид Милер.

Има зошто, сите екипи и учесници на трката потпишаа документ пред почетокот на трката дека нема да користат недозволени средства. Но за актуелниот лидер на Тур де Франс Микаел Расмусен постојат сомневања дека ја избегнал анти-допинг контролата во Данска. Ланскиот победник Лендис, беше потврдено дека се допингувал, исто како и за повеќекратниот победник Ленс Армстронг.

Љубителите на велосипедизмот ја сакаат Тур де Франс која девет години по првата сериозна допинг афера со екипата Фестина, се уште не може да се ослободи од ова зло. Зошто се откриваат овие афери, одговорот е едноставен – контролите се посеризни.