1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нов европски џин за вооружување

Дирк Кауфман / Елизабета Милошевска Фиданоска14 септември 2012

Германско-француската корпорација ЕАДС и британската БАЕ преговараат за поврзување. Притоа, треба да настане концерн за воена опрема и вооружување кој ќе може да им конкурира на моќните американски фирми.

https://p.dw.com/p/168wu
Фотографија: dapd

Германскиот воздухопловен концерн ДАСА сакаше да се здружи со Британски Аероспејс (БАЕ) уште во 1999. година. Од тоа не излезе ништо. ДАСА се здружи со француски концерн од што настана ЕАДС. Сега британскиот БАЕ и ЕАДС преговараат за фузирање.

Резултат на тие преговори би можел да биде концерн кој на меѓународниот пазар за вооружување би имал подобри шанси од двата концерна одделно. ЕАДС особено настојува да „фати корен“ на американска почва. Со тесните врски што БАЕ ги има на американскиот пазар, со оглед на традиционалните „специјални односи“ на САД и Велика Британија, треба да им се конкурира на американските фирми „кои ја бранат својата територија“ од конкурентите.

Соработката би отворила нови шанси и на вносните пазари во арапскиот простор и на Блискиот Исток. Досега таму доминираа американски фирми.

Голем колач

Додека во Европа буџетите за вооружување и воена опрема се намалуваат, САД се‘ уште даваат многу пари за оружје, муниција, опрема и возила, и тоа повеќе од половина билион американски долари (500 милијарди долари, н.з.). Овој колач во моментов меѓу себе го делат големите американски концерни.

Боинг, главниот конкурент на ќерката на ЕАДС во цивилното воздухопловство - Ербас, по преземањето на авиопроизводителот Мекдонел-Даглас, стана еден од најголемите лиферанти за американската воена авијација. Боинг, меѓу другото, ги прави воените хеликоптери АХ-64 Апачи и транспортни авиони. Авионите Авакс, кои се користат за набљудување, исто така доаѓаат од авиопроизводителот од Сиетл. Годишниот обрт на Боинг изнесува околу 70 милијарди американски долари.

BAE Systems EADS Fusionsgespräche
БАЕ годишно има обрт од околу 22 милијарди евра, кои доаѓаат од производство на тенкови, ракети и воени бродовиФотографија: picture-alliance/dpa

Авиони, тенкови и ракети

Некои видови борбени авиони, како и транспортерите Супер Херкулес и Галакси се произведуваат во Локхид-Мартин, во Калифорнија. Најголемиот концерн за вооружување и воена опрема во САД, чиј обрт во 2012. година е проценет на околу 46 милијарди долари, лиферува и воени возила и хеликоптери. Освен тоа, Пентагон во Калифорнија купува и интерконтинентални ракети.

Авионот бомбардер Б-2, кој е невидлив за радарите, американските сили го купуваат од Нортроп Груман, претпријатие од Вирџинија со обрт од околу 25 милијарди долари, кое произведува и ракети и беспилотни летала. Рејтион произведува електроника и лиферува техника за противвоздушна одбрана. Џенерал Дајнемикс, со годишен обрт од околу 33 милијарди долари, произведува воени бродови и подморници.

Комплетен арсенал

ЕАДС на овој пазар досега беше присутен незначително. Минатата година германско-францускиот концерн беше близу до целта, но потоа во последна минута ја загуби зделката од 35 милијарди долари - производството на авионите-цистерни му беше доделено на Боинг. Тоа на ЕАДС веќе не смее да му се случи.

USA Wirtschaft Militär EADS erhält kein Zuschlag für Tanker-Auftrag
Фотографија: picture-alliance/dpa

Фузија со БАЕ ќе ја промени структурата на ЕАДС. Досега цивилното воздухопловство беше најважен столб во концернот, додека кај Боинг, на пример, воениот и цивилниот дел од зделките се еднакво големи. Фузијата со БЕА треба да придонесе тоа во иднина да биде така и во ЕАДС. Воениот удел во обртот на ЕАДС годишно изнесува околу 50 милијарди евра, и тоа се должи на производството на авиони, додека БАЕ годишно има обрт од околу 22 милијарди евра, кои доаѓаат од производство на тенкови, ракети и воени бродови. Германците, Французите и Англичаните заедно треба да понудат се‘ што на модерни воени трупи им е потребно во време на мир и војна.