1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нов економски бум во Кина

30 јануари 2008

Додека западните индустриски земји, со оглед на кризата со недвижности во САД, би се радувале на силен економски скок, во Кина владее страв дека економијата може да тргне наопаку.

https://p.dw.com/p/CzFc
Бум, бум и само бум! Кина во галоп оди напред на економски план.Фотографија: AP

Страв од негативен развој на пазарот во Кина се јавува поради прегреаност, односно дека во стопанството се пумпа повеќе капитал отколку што смислено се инвестира.

Голем успех

Најголемиот економски пораст од 1994 година: плус од 11,4 проценти за кинеското стопанство во 2007 година и истовремено мало заладување на бумот во четвртиот квартал. Шефот на кинескиот завод за статистика Чие Фушан ги претстави бројките пред новинарите во Пекинг, полн со гордост.

Прес-конференцијата беше во живо пренесувана на телевизијата: „Во последните пет години нашето стопанство се развиваше рамномерно. Разликата од година на година не беше никогаш повеќе од 1 процент. Тоа е голем успех. Освен тоа, нето просечните приходи на луѓето во градовите во последните пет години пораснаа за 9,8 проценти. Во внатрешноста за 6,8.“

Турбо растеж

Чие Фушан лесното намалување на брутонационалниот доход кон крајот на годината го смета за успех на владата која одамна се залага да се намали турбо-растежот на стопанството. Само во минатата година есконтните камати беа шестпати зголемени, централната банка десетпати соопшти пораст на резервите, а кон крајот на годината забрани нови кредити. За 2008 година е најавена заострена кредитна политика.

Börsengang Bank of China Peking Hauptgebäude Polizist
Кинеската банкаФотографија: AP

Дури и Чие Фушан во средината на веста за успесите, упати критика: „Потрошувачката не е доволна. Економскиот растеж го туркаат главно големите инвестиции. Се зависи од побарувачката од странство. Мораме повеќе да се концентрираме врз порастот на домашната потрошувачка.“

Минатата година за првпат на Кина и донесе инфлаторни грижи. Во летото цените скокнаа, прво за свинското месо, потоа за сите прехранбени производи. Последица: порастот на цените достигна 4,8 насто, најмногу во последните 10 години. За една третина од тоа виновни се прехранбените средства. Шефот на заводот Чие Фушан смета дека зголемувањето на цените во Кина делумно се должат на глобалните трендови. На прес-конференцијата тој вети противмерки на владата.

Дали Кина ќе ја претекне Германија?

На новинарско прашање дали Кина во 2008 година ќе ја надмине Германија како трета најголема стопанска нација, тој одговори:„Поради промената на курсевите не верувам дека Кина ќе ја престигне Германија. Освен тоа, мора да се сочекаат германските бројки. Дури и ако нашиот национален бруто-производ биде толку висок, ние уште долго ќе бидеме земја во развој и уште долго во стадиум на социјализам. Нашите приходи по глава на жител се’ уште се многу ниски.“

Меѓутоа, Чие искажа оптимизам дека кинеското стопанство во олимписката година повторно силно ќе расте. Слично гледа и Ева Швингхамер, член на управниот одбор на германската комора во Шангај. Таа е убедена дека од тоа ќе профитираат германските фирми:

„Сметаме дека и 2008 година ќе мине добро. Големо прашање е само какво влијание ќе имаат Олимписките игри врз стопанството. Во Кина може да се случи при големи настани се’ друго да застане.“