1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нов иконостас за првата македонска црква во Франција

Тони Гламчевски18 ноември 2008

Македонската православна општина Свети Кирил и Методиј од Париз вчера со општонародна веселба го прослави осветувањето на иконостасот и фреските на црквата.

https://p.dw.com/p/Fwgs
Мали, но убави: православните цркви носат посебно чувство. На сликата црквата Свети Наум во ОхридФотографија: AP

Црквата, просториите и дворот на македонската православна општина Кирил и Методиј во Париз вчера беа претесни за да ги примат сите македонски православни верници и нивни пријатели, кои дојдоа да присуствуваат на осветувањето на новиот иконсостас и фреските на црквата од страна на Митрополитот на Европската епархија, Господинот Пимен.

„Убаво е ова што се случи во ова јубилејната година за Македонската православна црква, кога како црква славиме педесет години од Охридската архиепископија и добивањето на првиот Поглавар, Архиепископот Доситеј“ - изјави владиката Пимен.

Голем настан за мала црквена заедница

Овој настан има голема важност за оваа мала црковна општина. Во споредба со другите македонски заедници во Европа, како таа во Германија, на пример, зедницата во Франција е навистина мала. Но, со постигнатото се гледа континуиран напредок во нејзиниот развојот.

„За четири години, откако ја имаме црквата стигнавме да се постави нов иконостас и да добиеме позитивна оцена и кај Католичката црква, како и да побараме продолжување на договорот, кој во ноември наредната година ќе го добиеме на 99 години“- додава Митрополитот Пимен.

Македонско катче во Париз

Активистите во црковната општина не остануваат само на ова, тие сакаат просториите со кои располага црквата да ги претворат во вистинско „македонско катче“ во француската престолнина.

„Сега се планира во една друга придружна просторија да се направи Дом за пензионери, кои ги има се повеќе и повеќе, евентуално Дом за млади и конаци каде што Македонците, кои се на пропатување во Париз, ќе можат да преноќат. Тоа е нашиот план, се надеваме дека ќе се оствари“ - ни вели еден од активистите во општината.

По осветувањето беше приредена општонародна веселба, на која се служеа македонски специјалитети и вина за гостите дојдени од другите делови на Франција, од соседна Белгија и Швајцарија, на кои им се приклучија и претставниците на другите христијански заедници, како од Француската католичка и протестантска црква, како и од Романската православна црква.

„Така убаво се вселеа, така убави ора се играа и пееа, да ти е мерак да ги гледаш. Дај Боже стално да се така луѓето наши! Стално!“ – ни ги пренесе своите впечатоци една од учесничките на собирот во Париз.