1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нов курс на Германија во европската политика?

Кристоф Хаселбах/ Симе Недевски26 септември 2013

Германските граѓани на сојузните парламентарни избори ја потврдија досегашната европска политика на Ангела Меркел. И покрај тоа, наскоро некои работи сепак би можеле да се сменат.

https://p.dw.com/p/19oSs
Фотографија: dapd

Едно е сигурно: Ангела Меркел и пред сојузните парламентарни избори во Германија беше најважниот лидер во ЕУ. А по убедливата изборна победа таа нејзина позиција уште повеќе се зацврсти. И покрај отпорот и критиките, таа во Европа во текот на кризата упорно бараше реформи во замена за финансиска помош. И на тоа веројатно ќе остане, смета Јанис Емануилидис од организацијата Јуропијан Полиси Центар.

Но во разговорот за ДВ тој предвидува дека сега конечно ќе почне нешто да се случува. Бидејќи, сѐ до изборите одделни теми кои го засегаат Брисел не се чепкаа, на пример банкарската унија или одговор на прашањето дали треба на Грција да и се остави повеќе простор за маневар за отплата на кредитите. Сега изборите веќе не се изговор за одложување на решавањето на проблемите.

Некои работи се полесни без ФДП

И во европската политика многу работи зависат од тоа со кого канцеларката од Христијанско- демократската унија (ЦДУ) ќе влезе во коалиција. Досегашниот партнер на Меркел, Слободната демократска партија (ФДП) беше уште построга со земјите во криза отколку канцеларката. Но оваа партија веќе не е застапена во парламентот. И Социјалдемократите (СПД) и Зелените, кои доаѓаат во предвид за коалиција, сакаат да ја попуштат политиката на штедење и да дадат предност на државните програми за поттикнување на економскиот раст.

Јанис Емануилидис верува дека порано или подоцна ќе преовлада поумерена политика на штедење: „Ако тие земји економски не закрепнат, сегашниот рецепт за лечење на кризата нема да функционира.“ Веќе пред изборите канцеларката најави подготвеност на земјите како Грција да им излезе пресрет. Ако ЦДУ влезе во коалиција со СПД, што е според мислењето на аналитичарите најверојатна опција, новата германска влада би можела да ги придвижи и оние работи кои ФДП ги блокираше. Да речеме, данокот на финансиски трансакции.

Griechenland Athen Protest
Фотографија: Reuters

СПД за политика на раст

СПД сѐ уште се колеба околу согласноста за влез во владата. Социјалдемократскиот пратеник во Европскиот парламент Џо Лајнен во разговорот за ДВ, присетувајќи се на коалицијата на СПД и ЦДУ во предминатиот мандат, предупредува: „Ние како помал коалициски партнер тогаш плативме навистина висока цена и затоа мораме добро да размислиме.“ Но претседателот на неговиот клуб на пратеници во Европскиот парламент, Австриецот Ханес Свобода, јавно ги повика социјалдемократите да пристапат во големата коалиција: „На Германија итно ѝ треба социјалдемократско влијание во владата за да се спроведат прогресивни реформи во Европа.“

Лајнен за тоа прашање повнимателен и вели дека во случај на голема коалиција СПД треба „скапо да се продаде“. Како „цена“ го наведува спроведувањето на политика на раст на европско ниво: „Тука мораат да се дадат импулси за вработување и раст.“ Но, ако сегашниот министер за финансии Волфганг Шојбле (ЦДУ) повторно биде именуван на таа должност, СПД нема така лесно да ја истурка својата политика. Шојбле во вторникот (24.9.) изјави дека и тој се залага за поголем раст и повеќе работни места, но само ако тоа не биде финансирано со нови задолжувања: „ Зголемување на државниот дефицит не е решение туку го засилува проблемот.“

Јакнењето на АфД повикува на претпазливост

Партијата Алтернатива за Германија речиси успеа да влезе во парламентот, иако е основана само пред неколку месеци. Таа европската политика за спас на еврото ја смета за распродажба на германските интереси и сака повторно да се воведе германската марка. Европратеникот од редовите на СПД Џо Лајнен тој успех на АфД го смета за знак дека постојат недоразбирања: „Граѓаните на Германија знаат малку за европската политика, особено за кризата на еврото. Госпоѓа Меркел, но и другите партии, пропуштија во предизборната кампања да понудат дебата со граѓаните и разјаснување. АфД е последица на тоа. „Така многу Германци“, вели Лајнен, „сметаат дека Германија е губитник во кризата, иако таа, кога ќе се собере сѐ, е добитник.“

Gründungsparteitag der Alternative für Deutschland
Фотографија: picture-alliance/dpa

И претседателот на пратеничката група на Христијанско-социјалната унија (ЦСУ) во Европскиот парламент Маркус Фербер во вторникот (24.9.) предупреди: „Излегување на кризните земји од еврозоната би бил неодговорен ризик кој би ја ставил на коцка стабилноста на еврото и успехот на германскиот извоз.“ Политикологот Јанис Емануилидис смета дека успехот на АфД има и еден вид „педагошки ефект“. „Сега ќе биде зголемен притисокот да се погледа во АфД и нејзините позиции, подобро да се објасни европската политика, зошто некои работи мораат да се направат.“ Изгледа дека сите партии по овие избори сватија дека е нужно на граѓаните подобро да им се објасни европската политика.