1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нов почеток меѓу ЕУ и Русија

Роман Гончаренко / Елизабета Милошевска Фиданоска4 јуни 2012

Рускиот претседател Владимир Путин во Санкт Петерсбург разговара со раководството на ЕУ. Првиот самит по враќањето на Путин на претседателската функција е засенет од конфликтот во Сирија.

https://p.dw.com/p/157Nw
Фотографија: picture-alliance/dpa

Не мора да се претставуваат - домаќинот на претседателот на ЕК, Жозе Мануел Барозо, и на претседателот на Советот на ЕУ, Херман ван Ромпој, се вика повторно Владимир Путин. А сепак, централната точка на агендата гласи - запознавање. На самитот Русија - ЕУ нема посебни тежишта, вели за ДВ Фернандо Валенцуела, амбасадор на ЕУ во Москва. Брисел на средбата гледа како на можност за директен разговор со Путин првпат по изборот и за „општа проценка“ на односите.

Сепак, ова нема да биде рутински самит, какви што се одржуваат двапати годишно. Средбата се одржува во време на протести, какви што во Русија немало речиси 20 години. Од парламентарните избори во декември 2011 година, десетици илјади луѓе излегоа на демонстрации. И победата на Путин на претседателските избори во март не е прифатена од дел од рускиот среден слој. ЕУ ги критикуваше и едните и другите избори како недемократски. Внатрешнополитичката состојба во Русија би можела да биде тема на самитот во Санкт Петерсбург, вели Валенцуела. Претставниците на ЕУ во Русија од самитот очекуваат прилично „директна дискусија“. Но колку гласно Барозо и неговите колеги ќе го критикуваат Путин?

„Мислам дека дел од неговите соговорници знаат дека лакот и сјајот се малку оштетени“, вели Саша Там, раководител на московската канцеларија на фондацијата „Фридрих Науман“. Во ЕУ Путин важи за ослабен претседател, чиј авторитет во сопствената земја е напукнат. „Од друга страна, се разбира, тој цврсто стои во седлото“, оценува експерттот. Там не исклучува „мало заладување“ на односите на Москва и Брисел, но не верува во можна конфронтација. „Мислам дека ќе биде ’бизнис ес јужуал’“.

ЕУ се чини се однесува попретпазливо кон Русија, отколку кон другите поранешни советски републики. За разлика од самитот во Киев, во декември 2011 година, во Санкт Петерсбург нема да има средба на ЕУ-врвот со претставници на опозицијата и на цивилното општество. Од кругови на ЕУ се вели дека форматот тоа не го предвидувал.

Сирискиот конфликт во преден план

И Владимир Путин нема да сака да го почне третиот претседателски мандат со конфликт со Брисел. Напротив, неговите први надворешнополитички контакти се во насока на Европа. По откажаното патување на самитот на Г8 и на НАТО во САД и по блиц-посетите на Берлин и Париз (01.06.2012) шефот на Кремљ сега се среќава со раководството на ЕУ. Притоа, според руски дипломат, треба да се разговара за глобални, меѓународни теми.

Symbolbild Beziehungen EU Russland
Фотографија: minad/Fotolia.com/DW

Најгоре на дневниот ред е Сирија. ЕУ се надева дека Русија ќе се откаже од својот критички став во Советот за безбедност на ОН и дека ќе се согласи со остра резолуција. Во текот на изминатите месеци Москва двапати стави вето на вакви резолуции, поради тоа што отфрла меѓународно мешање во конфликтот во Сирија. „По последните случувања во Сирија можам да замислам некакви отстапки на Русија во однос на Западот“, вели Саша Там. Сепак, тој оценува дека не е веројатно темелно менување на руската позиција околу ова прашање.

Во Санкт Петерсбург треба да се разговара и за актуелната економска и монетарна криза во Европа, оценува Фрејзер Камерон, поранешен советник на ЕК и експерт за Русија во Брисел. „Русија ќе биде заинтересирана за она што се случува во еврозоната“, вели Камерон. Поголемиот дел од девизните резерви на Москва се во евра и таа од прва рака ќе сака да дознае „што се случува кај другата страна“. Односите меѓу Русија и ЕУ во последните години „постојано се подобруваа“, нагласува амбасадорот на ЕУ во Москва Валенцуела. Но се‘ уште има простор за подобрување. Притоа економијата е постојано во преден план.