1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нов пресврт во кризата во Тунис

19 јануари 2011

Оставки во владата поднесоа новоизбраните опозициски министри, а од партиските функции заминаа и актуелниот претседател и премиер на државата. Во земјата се враќаат протераните про-исламски политичари.

https://p.dw.com/p/zzTP
Протестите во Тунис продолжуваатФотографија: picture alliance/dpa

Привремениот претседател на Тунис, Фуед Мебаза и премиерот Мохамед Гануши вчера поднесоа оставки во партијата РЦД, Уставнo демократски собир на пребеганиот претседател Зине ал-Абедин Бен

Али, со цел да ги смират обновените тензии на само еден ден по формирањето на новата влада. Со оставките на претседателот и премиерот се одвојуваат државните тела од политичките партии, што е во согласност со одлуката која вчера ја донесе новата влада на национално единство.

Foued Mbazaa Übergangspräsident Tunesien
Фуед Мебаза, преодниот претседател на Тунис поднесе оставкаФотографија: picture-alliance/dpa

Но паралелно со нивните партиски оставки, од новоформираната влада си заминаа и четворицата избрани опозициски министри. Оставките се израз на револт поради учеството на членови на партијата на Бен Али во новата влада.

Револуцијата продолжува

Во главниот град Тунис и во повеќе други градови вчера продолжија и протестите на граѓаните кои во неколку наврати се судрија со полицијата која употреби солзавец за да ги растера.

Демонстрантите тврдат дека новата влада на национално единство не ги претставува интересите на народот.

Во земјата полека се враќаат и протераните опозициски лидери. По повеќегодишен егзил вчера во Тунис пристигна претседателот на забранетата опозициска партија Конгрес за републиката, Монсеф Марзуки кој со години беше во егзил во Париз.

Tunesien Oppositionspolitiker Präsidentschaftskandidat Moncef Marzouki in Tunis
Опозицискиот лидер Монсеф Марзуки се врати во Тунис по повеќегодишен егзил во ФранцијаФотографија: AP

„Револуцијата продолжува, револуцијата продолжува“, извикуваше Марзуки на аеродромот во Тунис. Тој најави дека ќе се кандидира за претседател на изборите кои треба да се одржат за шест месеци и ја повика Саудиска Арабија да му го укине престојот за поранешниот претседател Бен Али за да биде изведен пред суд во државата.

Бран самозапалувања во северноафриканските земји

Туниската револуција очигледно ги инспирира дисидентите и во другите арапски држави, каде во последниве се забележани серија самозапалувања, слични на она кое ги иницираше и немирите во Тунис. Протестите во Тунис започнаа кога Мухамед Буазизи, 26-годишен невработен дипломиран студент, се самозапали протестирајќи поради тешката ситуација во земјата. Тој подоцна им подлегна на повредите.

Иако нема потврда дека самозапалувањата се предизвикани од актуелната политичка и социјална состојба во регионот, само вчера во Египет се самозапалија и починаа двајца луѓе. Во Алжир татко на шест деца стана петтиот граѓанин неделава кој си го одзеде животот на тој начин. Слични инциденти се пријавени и во другите блиски арапски држави. Во Јемен полицијата се судри со студентите на Универзитетот во Сана кои протестираа во знак на поддршка на промените во Тунис.

Автор: БГ/СН/афп/дв

Редактор: Симе Недевски

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема