1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нов силен земјотрес во Јапонија

10 јули 2011

Засега нема информации за загинати. Поради земјотресот мораа да бидат прекинати работите на хаварисаната нуклеарна постројка Фукушима.

https://p.dw.com/p/11sRA
Фотографија: picture-alliance/dpa

Силен земјотрес со јачина од 7,3 степени утринава го погоди северо-источниот брег на Јапонија, а властите на кратко издадоа предупредување од цунами, кое кусо потоа беше укинато. Епицентарот на земјотресот бил недалеку од јапонскиот остров Хоншу, на длабочина од околу 10 километри. Засега нема информации за евентуални жртви или причинета материјална штета.

Premierminister Japan Naoto Kan zum Erdbeben
Јапонскиот премиер Наото Кан

Поради новиот земјотрес евакуирани се работниците во нуклеарната електрана Фукушима, а од компанијата Тепко, која управува со Фукушима, изјавија дека на централата нема нови оштетувања. Претходно јапонскиот премиер Наото Кан изјави дека ќе бидат потребни децении за да се исчисти и деактивира оштетената нуклеарна централа. Ова е прв пат Владата на Јапонија да даде временска рамка за чистење на нуклеарката, надвор од итните мерки кои се во тек заради затворање на реакторите. Се проценува дека истекувањето на радиоактивните состојки од Фукушима е најопасен нуклеарен инцидент по нуклеарната катастрофа во Чернобил во 1986 година.

Јапонија на 11 март беше погодена од катастрофален земјотрес со јачина од девет степени, кој предизвика огромен цунами. Во катастрофата според последните податоци загинале или исчезнале повеќе од 23.000 луѓе.

Автор: AT/ дв/ миа

Редактор: Горан Чутаноски