1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

260112 Europa Fiskalpakt

30 јануари 2012

Лидерите на земјите-членки на ЕУ денеска (30.01) во Брисел одржуваат вонреден самит, посветен на поттикнувањето на економијата во Европа. Треба да биде усвоен и т.н. фискален пакт.

https://p.dw.com/p/13slg
Фотографија: dapd

Шефовите на држави и на влади на земјите-членки на ЕУ денеска во Брисел имаат намера да направат значајни чекори напред кон разрешување на должничката криза, преку усвојувањето на трајниот фонд за помош на загрозените земји, т.н. Европски стабилизациски механизам, како и на договорот за фискална унија.

На последниот самит на ЕУ, во декември минатата година, канцеларката Ангела Меркел со големо задоволство изјави дека договорот за фискална унија на земјите од ЕУ, со исклучок на Велика Британија, е пробив кон трајно решавање на кризата. Во меѓувреме е договорен и текстот на договорот - во рекорден рок за ЕУ, кој додуша не ги содржи сите барања на „мајката“ и на „таткото“ на идејата за фискален пакт, Ангела Меркел и францускиот претседател Никола Саркози.

Nicolas Sarkozy Angela Merkel 09.12.2011
Текстот на договорот за фискална унија не ги содржи сите барања на Меркел и СаркозиФотографија: dapd

Сопирачка на долговите

Германскиот европратеник Елмар Брок, кој инаку е учесник во преговорите, смета дека пактот е важен за успешно надминување на кризата, но не и доволен:

„Верувам дека сега е можно по автоматизам да се воведат санкции и да започнат процеси против должниците. Со пактот е зачуван и методот на заедништво, така што не може да дојде до поделба на Европа“.

Пактот ќе биде склучен надвор од европските договори, бидејќи Велика Британија вложи вето против него. Британскиот премиер Дејвид Камерон стравуваше од губење на националниот суверенитет над буџетот. И навистина, фискалниот пакт предвидува автоматски казни при висок дефицит во државните буџети. Освен тоа, ќе биде воведена т.н. сопирачка за долговите, која на долг рок треба да доведе до урамнотежување на буџетите на земјите од ЕУ. Тоа и‘ беше особено важно на канцеларката Меркел. Впрочем, Германија има пропишано со устав таква сопирачка за долговите. Меркел во повеќе наврати ги отфрли обвинувањата дека на другите сака да им ја наметне сопствената волја како лидер на најголемата земја во еврозоната:

„Ниту една земја не може на друга да и‘ издава прописи во оваа област. Но мораме заедно да дискутираме. Тоа нема никаква врска со доминантноста. А тоа што сега сме толку големи не е наша вина“, рече Меркел.

Rotstift / Symbolbild / Haushalt
Сопирачка на долговите е неопходна за урамнотежување на буџетитеФотографија: dapd

Грција и буџетскиот суверенитет

Но канцеларката и другите лидери на еврозоната сега сепак би сакале да имаат поголема контрола пред се’ врз финансиската политика на најзагрозената земја во еврозоната - Грција. Поради незадоволството од реформските зафати на Грција, викендов се појави предлог Атина привремено да се откаже од суверенитетот над својот буџет и т.н. „еврокомесар за штедење“ да има право на вето во нејзината финансиска политика. Грчките власти остро го отфрлија ваквиот предлог. Министерот за финансии Евангелос Венизелос беше последен што упати критика: „Кој народот го тера да избира меѓу финансиска помош и национална гордост, ги игнорира лекциите на историјата“, рече Венизелос.

Автор: Бернд Ригерт/ртр/дпа/ Симе Недевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи