1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нов штрајк го парализираше сообраќајот во Грција

БГ/миа3 април 2013

Вработените во поморскиот и железничкиот сообраќај во Грција денеска започнаа 24-часовен штрајк. За утре е најавен и штрајк на вработените во воздушниот сообраќај

https://p.dw.com/p/188hq
Фотографија: AP

Дваесет и четири часовен штрајк во знак на протест против економските мерки го парализираше денеска поморскиот и железничкиот сообраќај во Грција, што засегна десет илјади патници. Фериботите останаа вкотвени на пристаништата во земјата, а застој има и во железничкиот сообраќај поради штрајкот на вработените во секторот против намалувањето на платите. Пристанишните работници бараат да ги добијат од бродосопствениците неисплатените плати и да се стави крај на работењето без договор и осигурување. Тие исто така бараат Владата да се откаже од планот за определување на минимален број на пристанишни работници со мотив, дека тоа ќе доведе до намалување на работните места.

Се очекува од утре да има и застој во воздушниот сообраќај, поради тоа што контролорите на летовите исто така стапуваат во 24-часовен штрајк.

Според проценките на двата најголеми синдикати во Грција, Заедничката конфедерација на трудот (ГСЕЕ) и Федерацијата на државните службеници (АДЕДИ) во последните пет години во земјата се загубени над половина милион работни места од приватниот сектор. Како особено значаен факт се посочува растот на оние невработени кои подолго време бараат работа, кои во 2012 година претставувале 39 отсто од населението на Грција. Според Евростат, во ноември минатата година Грција била земја со највисока невработеност во ЕУ - 26,4 отсто. Невработените меѓу жените биле 29,3 отсто, а меѓу младите под 25 години невработеноста достигнала драматичен раст од 58,4 отсто.