1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нов џин на пазарот на книги

ЕМФ/дв/ард29 октомври 2012

На меѓународниот пазар на книги се создава нов гигант - најголемиот европски медиумски концерн Бертелсман и британската издавачка куќа Пирсон ги споија своите книгоиздателства - Рендом Хаус и Пингвин Груп.

https://p.dw.com/p/16YoU
Фотографија: picture-alliance/dpa

Бертелсман би требало да има 53 проценти удел, а Пирсон 47 проценти удел во фузираната издавачка куќа. Доколку институциите за заштита на конкуренција дадат зелено светло, фузијата би била завршена во втората половина на 2013 година. Шеф на новото претпријатие би требало да биде досегашниот шеф на Рендом Хаус, Маркус Доле. Планираната издавачка куќа би го носела името - Пингвин Рендом Хаус.

Шефот на Управниот одбор на Бертелсман, Томас Рабе, зборува за поставување „камен темелник, и тоа не само за Рендом Хаус, туку и за целата куќа Бертелсман“. Фузијата на двете издавачки куќи им овозможува „издавање книги уште поефективно, и тоа и на традиционален начин, како и во дигитални формати“, вели Рабе.

Слични се изјавите и на шефицата на Пингвин, Марџори Скардино. Двете куќи заедно се во состојба „да ги делат трошоците во голем дел“, за да можат повеќе да инвестираат во авторите и читателите и да имаат поголеми можности за експериментирање при испробувањето нови модели.

Deutschland Großbritannien Wirtschaft Bertelsmann Random House und Penguin Group fusionieren
Фотографија: dapd

Рендом Хаус во 2011 година имаше обрт од 1,7 милијарди евра и според сопствени наводи продава по околу 500 милиони книги ширум светот. Пингвин пак, во 2011 година имаше обрт од речиси 1,3 милијарди евра и познат е по издавачње џепни книги по поволни цени. Денеска (29.10) беше соопштено дека и покрај фузионирањето, двете издавачки куќи сакаат „да го задржат својот идентитет и во иднина да ги публицираат книгите со еднаква содржинска автономија како досега“.