1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ноемвриски избори на Косово

Рефки Алијa/Марта Таневска23 септември 2013

За власт во 36 косовски општини на ноемвриските избори, кои за првпат ќе се одржат на целата територија на Косово, се натпреваруваат 105 политички субјекти, коалиција и независни кандидати од сите национални заедници.

https://p.dw.com/p/19czh
Фотографија: picture alliance / dpa

Граѓаните на Косово, особено оние од албанската заедница, се поделени околу локалните избори што ќе се одржат на 3 ноември. Многумина не се задоволни со постоечката економска ситуација, бројните афери, непотизмот, судските процеси против водечките луѓе на некои општини кои се повторно кандидирани од страна на нивните партии.

Лоша економска ситуација

„Живееме во многу лоша економска ситуација. Погледнете ги само платите на оние кои имаат среќа да работат. Огорчена сум поради тоа. Сите сме на кредити. Од друга страна, некои не знае колку пари има во различни банки. Сепак јас ќе гласам со надеж дека на ова ќе му се стави крај“, вели Мирвета Шаља, додавајќи дека голем број политички субјекти, коалиција и поединци, кои до закажаниот рок ги предадоа изборните листи, велат дека на Косово „политиката и понатаму е најпрофитабилна професија“.

„Јас лично нема да излезам на избори бидејќи на листовите ги нема државните симболи. За кого да гласам? Не знам дали е Србија или Косово“, се прашува Аљбан Круезиу.

Општиот став е дека е добро што како последица на бриселскиот договор избори за прв пат ќе се одржат и на северот на Косово.

„Сметам дека е добро што за прв пат избори се одржуваат на целата територија на Косово, вклучувајќи го и северот. Очекувам дека ќе биде добро и на економски и политички план и дека на овој начин ќе направиме посериозен чекор кон интеграцијата во Европската унија. Што се однесува до излезеноста на Србите на овие избори, тоа е знак на разочарување во нивните досегашни претставници. Јас им пожелувам среќа и да ги изберат своите најдобри претставници кои ќе работат за Косово и за нив самите“, вели Кујтим Пачаризи.

Голем интерес на Србите

Србите пријавија 29 политички партии, инцијативи и поединци. Единствената српска листа „Граѓанска инцијатива на Србија“, која ја поддржува Белград, а има свои кандидати во десет општини, шест јужно од Ибар, предизвикува многу контроверзии.

Kosovo Hauptstadt Pristina
Најголемата борба ќе биде за Приштина и ПризренФотографија: picture-alliance/dpa

„Така требаше да направиме и ние, но не сме толку сложни како нив. И на овој начин Србите повеќе ќе бидат свртени кон Белград, а не кон Приштина“, тврди Круезиу.

Рајма Сагдати не мисли така и им честита на Србите што се одлучија на тој чекор пожелувајќи им „среќа на изборите“: „Тоа е позитивен чекор, воопшто и за нив и за државата Косово, и за Србија. Значи дека преговорите се во тек и дека ќе успеат, а како ќе се договорат - тоа го знаат тие“.

Освен Албанци и Срби, листи со свои кандидати поднесоа и претставниците на другите заедници. Босанците во Централната изборна комисија пријавија шест партии, две коалиции и една граѓанска инцијатива. Турците по прв пат се поделија и тие излегуваат на три листи. Ромите, Египќаните и Ашкалиите имаат по една листа во тие општини каде што ги има во поголем број.

Кој ќе победи во Приштина и Призрен?

Кај самите Албанци се води остра борба за секоја општина. Сепак најголемата ќе биде за Приштина и Призрен, двете најголеми, а со самото тоа и најзначајни градови за политичките претставници. Самиот факт дека кандидатот на Демократската партија на Косово (ДПК) за градоначалник на Приштина, Агим Чеку е актуелниот министер за безбедносни сили на Косово, зборува сам по себе. Премиерот Хашим Тачи, истовремено и претседател на таа партија, оди дотаму и го нарекува Призрен „Ерусалим на ДПК“.

Во тие две општини противкандидати ќе им бидат водачите на Демократскиот сојуз на Косово, најголемата опозициска партија, односно претседателот Иса Мустафа, актуелниот градоначалник на Приштина, и Екрем Круезиу, неговиот потпретседател и во два мандати градоначалник на Призрен.