1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Норвешка е европски првак

Златко Калински15 декември 2008

Европското првенство во ракомет заврши. Норвешка ја одбрани титулата. Германија повторно остана без медал. Оценките на официјалните лица се дека Македонија беше добар домаќин на правенството.

https://p.dw.com/p/GGEb
Норвежанките слават уште една титулаФотографија: Petr Stojanovski

На крајот на шампионатот, Норвешка остана неприкосновен владетел на европскиот ракомет - во финалето ја надигра Шпанија со 34:21. Резултатската неизвесност траеше само едно полувреме. Шпанија немаше доволен капацитет за да му се спротивстави на силниот норвешки состав. Сепак, Шпанките се главното изненадување и освежување во европскиот ракомет.

Германија не успеа да стигне до бронзениот медал

Во „малото финале“ Германија загуби од Русија со 24:21. Без повредената Грит Јурак, капитен, најдобар стрелец и стожер на екипата, шансите на тимот беа сведени на теоретски. Русинките имаа постојана резултатска предност, го освоија бронзениот медал, а Германија остана четврта.

Europa Meisterschaft Handball
Дуел од мечот Германија - РусијаФотографија: Petr Stojanovski

Македонија во конечниот редослед е на седмата позиција, што е најдобро досегашно остварување. За ракометарка на првенството е прогласена Норвежанката Катрин Лунде. Германката Јурак е во идеалниот тим како најдобар десен бек.

Добри оценки за Македонија

На завршната прес конференција на Европската ракометна федерација беа изнесени позитивни оценки за Македонија, за Скопје и Охрид, како организатори на Европското првенство. Михајло Михајловски, претседател на Ракометната федерација на Македонија оцени:

Handball EM der Damen in Mazedonien
Добра организација на првенствотоФотографија: Petr Stojanovski

„Овој шампионат ги исполни сите очекувања кои ги имаа не само гледачите во Македонија, туку мислам и во сите останати европски земји. Имаше многу скептици околу тоа како ќе помине Македонија и на резултатски план и на какво ниво ќе биде организиран шампионатот. Добивме доверба да го организираме шампионатот, а на крај и пофалби од страна на раководнита лица од Европската ракометна федерација. Комплетно го положивме испитот. “

Инаку, во Скопје беше извлечена ждрепка за бараж-двојките за учество на светското првенство во Кина, во 2009. година. Македонија ќе игра против Австрија, а Германија ќе бара место на мундијалот низ мечевите против Србија.