1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ноќ на терор во Бомбај

Дојче Веле/Агенции27 ноември 2008

По серијата напади во индиската метропола Бомбај, состојбата во градот се‘ уште е нејасна. Според полицијата, во нападите се убиени повеќе од сто лица, а околу 300 се повредени.

https://p.dw.com/p/G2uw
Напади во БомбајФотографија: AP

Неколку часови по бранот напади во индиската метропола Бомбај, специјални единици на полицијата навлегоа во хотелот „Трајдент Оверои“, кој е запоседнат од терористите. Според индиските медиуми 40 до 50 луѓе најверојатно се наоѓаат во заложништво. Полицијата во меѓувреме соопшти дека во беспримерната терористичка серија животот го загубиле повеќе од сто лица. Околу 300 се повредени. Портпарол на полицијата рече дека меѓу жртвите се наоѓаат и шест странци, кои се’уште не се идентификувани. Според новинската агенција ПТИ меѓу жртвите се наоѓа и еден Австралиец и еден Јапонец.

Напаѓачите држат заложници

Anschläge und Schießereien in Indien Bombay
Полицијата трага по сторителитеФотографија: AP

Гостин во еден од нападнатите хотели, кој успеал да побегне од налетот на терористите, вели: „Тие изречно бараа лица со британски или американски пасоши.“

Според последните информации, напаѓачите на повеќе места во градот држат заложници. Специјални единици, утрово почнаа акција за ослободување на заложниците во хотелот „Трајдент Оверои“, а напаѓачите држат во заложништво и гости во познатиот луксузен хотел „Таџ Махал“. Оттаму, утрово, преку мобилен телефон, за индиската телевизија се јави еден од гостите и рече дека во хотелот продолжуваат борбите на полицијата со напаѓачите.

Нападнати 17 цели

Серијата напади во индиската финансиска метропола Бомбај, почна доцна синоќа: „Беа поставени експлозиви во автомобили, хотели, болници, а беше нападната и железничката станица“, вели министерот за внатрешни работи на Индија, Шифрач Пати.

Покрај хотелите „Таџ Махал“, „Трајдент Оверои“ и „Мериот“, со рачни гранати и екслозивни средства беа нападнати и кафуле, кино и службена зграда - вкупно седумнаесет цели.

Можна е поврзаност со Ал Каеда

Anschläge und Schießereien in Indien Bombay
Бомбај по серијата нападиФотографија: AP

Во меѓувреме, одговорноста за нападите во Бомбај ја презеде, досега непозната група под името „Декен Муџахедин“. Повеќе експерти, меѓу кои и Рани Син, претпоставуваат дека постои поврзаност со терористичката мрежа на Ал Каеда: „Нападите беа професионално изведени. Целите изненадија. Не е првпат Бомбај да биде цел на терористички напади, но досега не биле во вака големи размери.“

Индија, од почетокот на годинава, беше погодена од низа атентати. Се смета дека повеќето од нив ги извеле исламистички екстремисти. Рани Син подвлекува: „Границите на Индија не се добро заштитени, земјата е опколена со редица нестабилни региони, како на пример Кашмир. Тешко е да се спречат вакви напади.“

Осуда на нападите

Индиската претседателка, Пратинба Патил жестоко ги осуди терористичките напади: „Овие бесмислени напади ги изведоа луѓе кои немаат респект кон животот, и одат по патот на уништувањето“ рече Патил, која е во посета на Виетнам. „Има заложници, властите се грижат да ги ослободат. Се надевам дека нападите брзо ќе се расветлат и дека сторителите ќе бидат изведени пред лицето на правдата“, доплни претседателката, која нема да се врати во Индија туку ќе ја продолжи турнејата во Индонезија. Во меѓувреме, нападите ги осуди и пакистанската влада.