1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

НСА: дозвола за шпионирање во Германија

Петра Ламбек/гб/Марта Таневска30 јули 2013

Германија е под надзор на Соединетите Американски Држави веќе со децении, и германските лидери се потполно свесни за тоа, вели историчарот Јозеф Фошепот. Причината? Тајни повоени договори

https://p.dw.com/p/19Fm1
Фотографија: Christoph Breithaupt

Дојче Веле: Шпионскиот скандал со НСА продолжува да предизвикува вознемиреност во Германија, господине Фошепот. Како историчар, вие велите дека надзорот трае уште од повоена Германија. Значи, откритијата на Едвард Сноуден не беа изненадување за вас?

Јозеф Фошепот: Не, навистина не беа. Бев изненаден всушност од првичните реакции, посебно од политичката страна. Тие се однесуваа како ова да било првпат, како да е нешто страшно и необично. Но тоа не е така. Од моето истражување, знам дека ова се случило безброј пати во 60-тите година во Германија.

Како го објаснувате резервираниот однос на германската Влада?

Па, ваквите афери секогаш се многу непријатни бидејќи откриваат нешто што досега функционирало во сенка.Таа дејност не треба да биде попречена, и затоа е потценувана. Но сега тоа веќе не е случај бидејќи се работи за степен на интензивен и тежок надзор. И освен тоа: спроведен е од пријателска земја.

Надзорот, како што велите, се случува веќе со декади, од почетокот на Сојузна Република Германија во 1949. Какви права имаа окупаторските сили - меѓу нив и Американците - во тоа време?

Да разјасниме дека победничките сили беа во Германија за да ја окупираат земјата. Тие сакаа да се уверат дека  Германија веќе нема да биде закана каква што беше за време на диктатурата на нацистите. Но, по победата над нацистичка Германија, започна друг конфликт со Советскиот Сојуз и беше родена Студената војна. Тоа беше двоен конфликт кој бараше нова стратегија од САД. Следеше политика на двојно задржување: задржување на Советскиот Сојуз од една страна и Германија од друга. И неопходен елемент на оваа политика беше надзорот.

Таканаречениот Општ договор, кои ги регулираше односите помеѓу Германија и трите сојузнички сили, стапи во сила во 1955. Сојузната Република требаше да има целосен суверенитет над домашните и надворешните права. Што значеше тоа за стратегијата за надзор на Американците?

Овие формулации, секако, секогаш се добри и се наменети за јавноста, пред се`. Десет години по Втората светска војна, Германците почувствуваа потреба да бидат суверена земја повторно. Но тоа не беше воопшто така бидејќи во договорите од 1955 - имаше повеќе договори- имаше тајни дополнителни договори кои им гарантираа клучни права на Западните сојузнички сили; меѓу нив, и правото да се следат телефонските и поштенските комуникации.

Која беше мотивацијата за германската страна за сето ова?

Американците вршеа огромен притисок. Тие не сакаа да се откажат од оваа територија која е важна геостратешки поради нивните операции на набљудување. Германските лидери сакаа да можат да кажат дека сега имаме поголема сувереност; со други зборови, неколку потези да се разбуди националната свест. Се разбира, тоа што не го кажаа е дека треба да ги прифатиме истите услови и за во иднина, како во минатото, за време на окупацијата, поради меѓународни спогодби и тајни договори. И овие договори се' уште важат и се обврзувачки за секоја германска влада, дури и денес.

Како договорите се одржале сите овие години?

Тие беа тајни. Американците си изградија мала Америка со свои основи, во која германската Влада не можеше да управува. Кога тогашниот канцелар Хелмут Кол, работеше да го постигне обединувањето на Германија, сфати дека ова прашање е малку тешко и контроверзно, затоа реши да го игнорира и немаше преговори околу специјалните права на Американците. Како резултат на тоа, овие дополнителни договори се' уште важат.

Канцеларката Меркел потенцира дека Германија не е дел од општеството на ’големиот брат’. Вие велите дека Германија е една од најблиску набљудуваните земји во Европа.

Фразата, општеството на ’големиот брат’ е малку полемична. Дозволете ми да го кажам вака: падот се случи во 1955 година кога Конрад Аденауер се согласи на статусот на специјални права во преговорите со сојузничките сили. Признавањето на овие права од канцелар значи дека нема враќање назад кон светоста и приватноста на поштенските и телекомуникациите, како што е напишано во германскиот устав. Вака се појави големото германско-сојузничко разузнавање.

Интересно е дека Германците се познати по тоа што се многу загрижени за своите податоци и затоа ставаат голем акцент на заштитата на податоци.

Во раните години од Сојузна Република Германија тоа беше уште повеќе потенцирано отколку денес. Поради тоа ова е чувано како тајна.

Професорот Јозеф Фошепот е историчар на Универзитетот во Фрајбург и автор на книгата „Следена Германија- следење на поштенските и телефонски комуникации во старата Сојузна Република“(Ванденхоек & Рупрехт, Готинген, 2012)