1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

НСА на „узда“

ЕМФ/дв1 ноември 2013

Комисијата на американскиот Сенат надлежна за тајните служби направи чекор кон реформа на работата на тајните служби. Комисијата се заложи за предлог закон кој би ја обврзал НСА на нешто поголема транспарентност.

https://p.dw.com/p/1AA6H
Фотографија: picture-alliance/dpa

Според замислената реформа, тајната служба НСА би морала да поднесува годишен извештај за истрагите што ги води, а освен тоа треба да се ограничи повеќе пристапот до банки на податоци од меморирани телефонски разговори. Неавторизирано анализирање на информации, според сенаторите, би морало да се казни со десетгодишна казна затвор. За да се пребаруваат легално телефонски податоци пак, треба да постои сомневање за терористички активности.

Предлог законот, за кој во Комисијата гласаа 11 сенатори, додека четворица беа против, е прва реакција на Сенатот на откритијата на поранешниот соработник на тајните служби Едвард Сноуден околу масовното прислушување од страна на НСА. Критичарите оценуваат дека предлог законот не е доволно опсежен и дека со него нема да се корегираат упадите на тајните служби во приватноста на милиони граѓани. „Се борев за тоа овој закон да биде заменет со вистинска реформа“, рече демократскиот сенатор Марк Јудал по гласањето.

Google-Datenzentrum in Pryor
Фотографија: picture-alliance/dpa/Google

За предлог законот да стапи во сила, ќе треба за него прво да гласа пленумот на Сенатот, а потоа и Претставничкиот дом. На крајот свој потпис треба да стави американскиот претседател Обама.

Прислушувањето како автопилот?

Во меѓувреме, американскиот министер за надворешни работи Џон Кери призна дека американските активности на прислушување понекогаш оделе предалеку. Извезни практики се одвивале по принцип на „автопилот“ и високи претставници на американската влада не знаеле ништо за тоа, изјави Кери. Тој вети дека праксата на прислушување и набљудување ќе биде ставена под лупа и дека дел од активностите ќе бидат стопирани. Довербата мора да се врати, рече Кери.

Symbolbild NSA Spionage Merkel Handy Deutschland
Фотографија: Reuters

Американскиот амбасадор во Берлин, Џон Б. Еемерсон, одби да заземе став околу обвинувањата дека се шпионирало од американската амбасада во Берлин. Весникот „Њујорк Тајмс“ напиша дека прислушувањето на мобилниот телефон на канцеларката Ангела Меркел било само врв на ледениот брег на активностите на НСА во Берлин. „Тие во Берлин го прислушуваат секој телефон којшто можат да го прислушуваат“, цитира весникот поранешен соработник на тајните служби во САД. Според него, цел на прислушување биле и високи претставници на државната управа и шефови на опозициони партии.