1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

НСУ уште во 2000 година со печат - терористичка група?

АТ/ дв/ отс/ свр22 мај 2013

Емисијата „Репорт Мајнц“ на германската телевизија АРД доби таен документ за неонацистичката група НСУ. Според него Службата за заштита на уставот во Саксонија уште во 2000 година го сметала триото за терористичка група.

https://p.dw.com/p/18bv9
Фотографија: picture alliance/dpa

Она што го обелодени емисијата „Репорт Мајнц“ на првата програма на германската телевизија (АРД) има политичка експлозивна сила. Редакцијата на емисијата, според сопствени наводи, добила документ, кој досега бил на увид само на комисиите во парламентите, и тоа под ознака за тајност и не смее да се копира. Документот содржи информации дека неонацистичкото трио „Националсоцијалистичко подземје“ (НСУ) од Цвикау уште во 2000 година било оценето за терористичка група од страна на Службата за заштита на уставот.

Во документот од 28.04.2000 година според извештајот се вели: „Постапките на групата (се мисли на неонацистичкото трио) наликува на стратегија на терористичките групи, кои преку поделба на работата следат заедничка цел“. Нивна цел била: „да извршат тешки казнени дела против мирниот демократски поредок“. Освен ова, кај триото можело да „се утврди значително зголемување на интензитетот се' до тешки кривични дела“.

Што стори Министерството за внетрешни работи на Саксонија?

Испраќач на писмото со меморандум на претседателот е Покраинската служба за заштита на уставот во Дрезден. Меѓу другите било упатено до тогашниот министер за внатрешни работи на Саксонија Клаус Хардрат од редовите на христијано-демократите како и до повеќе одговорни лица во неговото министерство. Со писмото се бара т.н. Г10 мерка за ограничување против неонацистичкото трио и уште четворица натамошни со име наведени подржувачи на групата. Станува збор значи за тајно надгледување на нивните телефонски разговори и писма.

Klaus Hardraht
Клаус Хардрат поранешен министер за внатрешни работи на СаксонијаФотографија: AP

За поддржувачите во еден документ се вели: Брзото, професионално бегство речиси без траги на триото (1998) укажува на тоа дека „без соодветна поддршка ... не би можело да биде реализирано на таков начин. Само со тесна поврзаност на еден затворен круг со малкумина луѓе кои знаеле и молчат е можно вакво бегство“.

Дали документот е сензација?

Емисијата го цитира и поранешниот службеник на тајните служби Винфрид Ридер, кој со децении работеше за властите, со зборовите дека документот за него „денес е сензација“. Сосема ново и изненадувачки за него било тоа што уште тогаш „во целосен опсег била позната целата структура на мрежата Националсоцијалистичко подземје до тој момент“, уште пред да се случи првото убиство во Нирнберг во септември 2000 година.

Поранешниот портпарол на владата Уве-Карстен Хаје, за документот рекол: „Се' што знаеме денес, стои во писмото“. Тој бил убеден, доколку властите тогаш „продолжеле да работат на случајот, не би ја имало оваа серија убиства“.

„Терористичка опасност во смисла на десен тероризам“

Исто така и поранешниот министер за правда на Долна Саксонија Кристијан Фајфер смета дека документот е многу бризантен, бидејќи јасно покажува: „Овде имаме една државна институција, Службата за заштита на уставот, која уште во 2000 година, четири месеци пред првото убиство, јасно кажа: Тие тројца се терористичка опасност во смисла на десен тероризам“. Според овој криминолог, по ова сознание тогаш требало да бидат вклучени сојузната криминалистичка служба и државното обвинителство.

За т.н. Г-10 мерка, според извештајот може да се докаже дека биле информирани двете покраински служби за заштита од криминал и Службите за заштита на уставот во Саксонија и Тирингија како и одделот за борба против тероризмот во Службата за заштита на уставот на сојузно ниво. Освен тоа била инфомормирана и Г-10 комисијата на покраинскиот парламент на Саксонија. Се' на се' според извештајот на германската телевизија, германските безбедносни кругови и делови од политиката биле опсежно и навремено информирани за терористичкото трио.

Пред Вишиот покраински суд во Минхен неодамна започна процесот за убиствата од страна на припадниците на терористичката ќелија. Првообинета е Беате Чепе, која со Уве Мундлос и Уве Бенхард ја формирала терористичката ќелија. Чепе е обвинета како ко-сторител на сите злосторства на НСУ, меѓу нив и убиства на осум Турци, еден Грк и една германска полициска службеничка. Пред судот одговараат и четири лица осомничени дека му помагале на триото.