1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

121009 Clinton Russland

13 октомври 2009

Американската министерка за надворешни работи Хилари Клинтон од денеска е во посета на Москва во рамките на европската турнеја. На разговорите станува збор пред се’ за напредокот во процесот на нуклеарно разоружување.

https://p.dw.com/p/K4xx
Хилари КлинтонФотографија: AP

Претседателите на САД и на Русија, Барак Обама и Дмитри Медведев се главните мотори на преговорите за намалување на атомскиот потенцијал. Обајцата се свесни дека идејата за создавање свет без атомска закана им носи големи поени во меѓународната јавност: „Дека оваа тема е особено важна, во тоа нема сомнеж. Мораме да вложуваме напори за создавање свет без атомско оружје, тоа е заедничка задача, иако на многумина им изгледа како проблем што не може да се реши“, порача во неделата рускиот претседател Дмитри Медведев.

Symbolbild USA Russland
Претседателите на Русија и на САДФотографија: AP

Од гледна точка на Кремљ има две важни причини за ваквите настојувања. Од една страна се многу големите трошоци за одржување и складирање на атомските боеви глави и ракетите носачи. Тие пари руската армија би можела да ги искористи за неопходното модернизирање. Од друга страна, станува збор за имиџот на поранешната велесила. Кога Русија преговара со САД за намалување на нуклеарното оружје, тоа и’ го враќа барем делумно стариот сјај како важен играч на светската политичка бина.

Американскиот претседател Обама, пак, сака да покаже дека неговите зборови не се празни, туку дека е во состојба да спроведе и конкретни мерки. Доделувањето на Нобеловата награда за мир уште повеќе го зголеми притисокот врз него во таа насока. Затоа шефицата на Стејт департментот, Хилари Клинтон, има налог денеска (13.10.09) да води преговори со рускиот колега по функција Сергеј Лавров за прв конкретен нацрт за договорот за намалување на атомскиот потенцијал.

По експертсктие преговори, време е да бидат поставени темелите

По два месеца преговори на експертско ниво, дојдено е времето за поставување на темелите за новиот договор што треба да го наследи СТАРТ договорот. „Старт договорот истекува на 5 декември. Во принцип им дадовме налог на нашите преговарачи до тој рок да ги завршат преговорите,“ појасни Медведев.

Оваа формулација во превод значи дека рускиот претседател не очекува преговорите да завршат до 5 декември. Тоа се должи на проблемите околу тоа кои ракети и боеви глави треба да бидат опфатени со договорот. Додека Москва бара во него да се регулираат вкупните атомски потенцијали на САД и Русија, Вашингтон повеќе е за опцијата да се преговара за инсталираните, а не и за резервните боеви глави.

Експертите во секој случај предупредуваат од преголеми очекувања. Засега обете страни се ангажирани околу непроблематичните елементи. Но, прашање е колкав ќе биде ентузијазмот кога ќе дојдат на ред болните отстапки.

Автор: Кристина Нагел / Горан Чутаноски

Редактор: Александра Трајковска