1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Обама бара дозвола за напад

Ролф Билман / Елизабета М. Фиданоска1 септември 2013

Американскиот претседател Барак Обама побара дозвола од Конгресот за воен напад врз Сирија. Сенатот и Претставничкиот дом веројатно ќе донесат одлука во втората половина од септември.

https://p.dw.com/p/19ZgQ
Фотографија: Kristoffer Tripplaar-Pool/Getty Images

Американскиот претседател Барак Обама сака да го чуе мислењето на Конгресот во врска со воен напад врз Сирија. Во изјава која дојде изненадувачки, американскиот претседател рече дека тој е на мислење дека САД треба да нападнат. Исто така нагласи дека верува оти како врховен командант има авторитет да даде наредба за ваков напад: „Но, одамна сум на мислење дека нашата моќ не се потпира врз нашата воена сила, туку на тоа дека ние сме влада на народот, за народот, со народот. Затоа ќе побарам согласност за воен напад од Претставничкиот дом на американскиот народ, од Конгресот“, рече Обама.

Напад нема да се случи во наредните денови?

Тоа значи дека американски напад врз Сирија нема да се случи толку бргу. Конгресот во моментов е на одмор и, според планираното, повторно ќе се собере на 9 септември. Тоа, од воен аспект, не е проблем, вели Обама:

„Началникот на Генералштабот ми даде уверување дека ќе бидеме во состојба да изведеме ваков напад, сеедно дали утре, наредната недела или наредниот месец“.

Претседателот презема голем политички ризик, не само надворешнополитички, зашто со својата одлука да почека не им го исполнува очекувањето на оние кои се надеваа на скорешен напад против Асад, туку и внатрешнополитички, зашто во моментов е целосно невозможно да се процени како би гласал Конгресот.

Kongress / USA / Obama / Rede zur Lage der Nation
Конгресот во моментов е на одморФотографија: Reuters

Републиканците сакаат да ги ослабнат позициите на Обама

Демократите на Обама имаат мнозинство во Сенатот, но за прашање на совест од ваков тип за некои сенатори партиската припадност би можела да биде помалку важна од вообичаено. Во Претставничкиот дом, пак, во мнозинство се републиканците, од кои голем дел копнеат по можност за ослабнување на позициите на Претседателот.

Републиканецот Питер Клинг соопшти дека „Претседателот Обама се извлекува од својата одговорност како врховен командант и со тоа го ослабнува авторитетот на идните претседатели.“

Демократскиот пратеник Чарлс Ренџел, пак, на прашањето како би гласал кога денес би го прашале за воен напад, одговори: „Без сомневање би гласал со НЕ, зашто кога ќе се фрлат бомби врз друга земја, тогаш е тоа војна, а војни, според Уставот, објавува Конгресот, а јас за такво нешто не гледам доволно докази“.

Судир и во тимот на Обама

Обама знае за ваквото расположение, исто како што го знае и неговиот тим. Се вели дека Обама донесол одлука за напад во петокот вечерта, по што во редовите на неговиот најтесен круг советници имало спротивставени мислења. Меѓутоа сега, како што цитира телевизијата Си-Ен-Ен високи владини претставници кои сакаат да останат анонимни, сите ќе ја поддржат одлуката.

Обама смета дека мора да има воен напад, но американското население, како што покажуваат анкетите, е уморно од војни. А, сенаторите и пратениците, чија согласност ја бара Обама, се избираат токму од ваквите Американци уморни од војна. Ако планот на Обама не успее, тој ќе биде двојно ослабен - внатрешно и надворешнополитички.