1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Обама во офанзива со програма за отворање работни места

9 септември 2011

Американскиот претседател Барак Обама планира да ја извлече од дното парализираната американска економија со натамошна огромна конјуктурна програма.

https://p.dw.com/p/12VpJ
Обама предвидува 450 милијарди долари за заживување на пазарот на работаФотографија: dapd

Целта на Обама е отворање нови работни места и со тоа повторно освојување на претседателските избори во 2012 година. Обама ова го најави на синоќа одржаниот (08.09), со нетрпение очекуван, говор пред двата дома на американскиот Конгрес.

Бројките од планот на Барак Обама конечно се на маса: американскиот претседател планира вкупно 450 милијарди долари за заживување на пазарот во САД. Со тоа би се постигнало значително намалување на сегашната стапка на невработеност од 9,1 процент.

USA / Job / Arbeit / Obama
Речиси половината од парите од Американскиот закон за работни места ќе бидат употребени на даночни олеснувањаФотографија: dapd

Со тоа ќе биде постигнат замав во економијата, објасни Обама пред пратениците во Сенатот и Претставничкиот дом во Вашингтон.

„Целта на Американскиот закон за работни места е јасна - вработување повеќе луѓе и повеќе пари во џебовите на вработените“, најави Обама.

Речиси половината од парите од Американскиот закон за работни места ќе бидат употребени на даночни олеснувања, пред се‘ за средниот слој и претприемачите, како и за намалување на социјалните давачки. Обама конкретно му предложи на Конгресот преполовување на данокот на платите на работниците. Тој планира растоварување и на фирмите, за тие да можат да отворат нови работни места или да ги зголемат заработувачките на вработените. Освен тоа, предвидени се инвестиции во образовниот систем и во инфраструктурата. Обама најави модернизирање на државните училишта, вработување илјадници нови наставници.

Околу 50 милијарди треба да се слеат во социјалната помош за речиси шест милиони луѓе на кои им истекува осигурувањето за невработеност.

Заради намалување на буџетскиот дефицит, американскиот претседател првпат предлага посилно оданочување за оние со најголеми приходи. Дали ќе успее во тоа, е прашање, зашто опозиционите републиканци категорично одбиваат зголемување на даноците. Републиканците имаат мнозинство во Претставничкиот дом и можност за блокирање на законите.

Obama / USA / Kongress / Arbeit / Jobs
Републиканците и демократите треба да се свртат кон проблемите на реалниот живот, оцени претседателотФотографија: dapd

Обама апелираше на итно усвојување на неговата иницијатива за отворање нови работни места во форма на закон. Републиканците и демократите треба да се свртат кон проблемите на реалниот живот. Прашање е дали поради се‘уште присутната национална криза можат да го запрат политичкиот циркус и да му помогнат на стопанството, порача Обама. Неговиот план не предвидува нови задолжувања. Американскиот претседател, според анкетите, доживува пад на популарноста поради парализираната конјуктура и високата невработеност, кои се последици на економската и финансиската криза од крајот на 2007 година и стравува за повторниот избор во ноември 2012 година.

Автор: ЖА/дв/дпа/ртре/афп

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска