1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Обама ги задржува отворени сите опции

СН/ЖА/афп/ртр/ап11 септември 2013

Американскиот претседател сака да обезбеди време за дипломатските напори во сирискиот конфликт. Во обраќање до нацијата соопшти дека го замолил Конгресот да го одложи гласањето за евентуална воена интервенција во Сирија

https://p.dw.com/p/19fkE
Фотографија: Reuters

„Во изминатите денови видовме охрабрувачки сигнали“, изјави американскиот претседател Барак Обама во 15-минутното обраќање до нацијата. Руската иницијатива за Сирија, според Обама, има потенцијал заканата од хемиско оружје да ја отстрани без употреба на воена сила. Затоа, како што рече, го замолил Конгресот да го одложи гласањето за можна воена интервенција против режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад. Обама најави дека САД заедно со Франција, Велика Британија, Кина и Русија ќе работат на составување на резолуција на ОН, со која Асад ќе биде принуден да го стави под меѓународна контрола неговото хемиско оружје.

Истовремено Обама јасно укажа дека и натаму останува одлучен во намерата за воена интервенција, доколку пропаднат дипломатските напори. „Никој не спори дека во Сирија е употребено хемиско оружје. Ние знаеме дека за тоа е одговорен режимот на Асад,. За ова злосторнички акт мора да се сносат последици“ , изјави Обама. Според него употребата на отровен гас е злосторство против човештвото.

Кратко но не и безболно

Barack Obama USA Rede an die Nation Syrien-Konflikt
Фотографија: picture-alliance/dpa

Обама истовремено призна дека воена интервенција во Сирија не е популарна опција меѓу американското население „ Не е за чудење тоа што поставувате тешки прашања“, им се обрати претседателот на телевизиските гледачи. Тој потврди дека при евентуален напад нема да дојде до ангажман на американски копнени трупи. Покрај тоа , според Обама, нема да станува збор за долг конфликт како на пример во Авганистан.

Меѓутоа, нагласи американскиот претседател, Асад не треба да мисли дека нападот ќе биде безболен. „ Американската армија не прави убоди со игла. Дури и еден ограничен удар испраќа порака, каква што не може да испрати ниту една друга нација“, истакна Обама. Наспроти тоа сирискиот режим нема средства сериозно да и‘ се закани на американската армија.

„САД не се светска полиција, но идеалите, принципите и националната безбедност на САД се доведени во прашање во Сирија“, рече американскиот претседател во телевизиското обраќање до нацијата.

Откажувањето од казнување на Асад за нападот со хемиско оружје само ќе им оди од рака на противниците на САД и ќе ги охрабри. „Ако не успееме да дејствуваме , режимот на Асад нема да има причина да се откаже од употребата на хемиско оружје“ , резимираше Обама.