1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Обама ги искара Европејците за должничката криза

ЖА/АТ/дв/миа/дпа22 мај 2012

Американскиот претседател Барак Обама побара од земјите од еврозоната поголема соработка и ангажман во справувањето со должничката криза.

https://p.dw.com/p/14zhH
Фотографија: picture-alliance/dpa

Најважно е Европа да осознае дека проектот евро е повеќе од заедничка валута, изјави Обама на самитот на НАТО во Чикаго. Тој се залага за поенергично делување наместо за постепени помали чекори.

Светските лидери се едногласни дека е важно Грција да остане во еврозоната, изјави американскиот претседател Барак Обама на прес-конференција во Чикаго.

„Европските лидери се подготвени да ја надминат кризата во еврозоната. Многу е важно европските банки да бидат рекапитализирани и да се постават заштити за да не се дозволи ширење на финансиската криза“, истакна Обама.

Тој потсети и дека на самитот на Г8 во Кемп Дејвид владееше едногласност околу потребата од паралелна стратегија на економски развој покрај консолидацијата на буџетите. Американската влада и‘ понуди на ЕУ на пример техничка помош во стабилизирањето на финансиските пазари.

Францускиот министер за финансии Пјер Московиси пак нагласи дека излезот на Грција од еврозоната ќе предизвика „зараза“ со должничката криза со непредвидливи размери.

„Франција е подготвена да направи се‘ што е можно за да спречи вакви сценарија. Треба да се предложат мерки за стимулирање на растот и Грците да ја вратат надежта“, нагласи Московиси по средбата со неговиот германски колега Волфганг Шојбле во Берлин.

Тој додаде дека се можни компромиси со Германија во врска со повеќе француски предлози за стимулирање на растот во Европа, и покрај тоа што двете земји имаат несогласувања по прашањето за еврообврзниците.

Шефовите на држави или влади на ЕУ утре на вонредна средба во Брисел ќе разговараат околу зајакнувањето на економскиот раст.