1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Обама ги пофали заслугите на Мандела

ЖА/дв/дпа/ртре29 јуни 2013

Борбата на Мандела против апартхејдот во Јужна Африка е пример и водилка за целиот свет, изјави американскиот претседател Барак Обама при посетата на Преторија.

https://p.dw.com/p/18yXg
Фотографија: Reuters

Нелсон Мандела покажа што се‘ е можно кога еден народ заеднички ќе се бори за своите права. Борбата на Мандела против расната дискриминација и за мене беше лична инспирација, призна Обама.

Втората посета на американскиот претседател на Јужна Африка е засенета од тешката болест на поранешниот претседател и јужноафрикански национален херој, Нелсон Мандела кој веќе три недели е во клиника. Обама не го посети Мандела во болницата, но се сретна со членови на неговото семејство.

Со оглед на загрижувачката здравствена состојба на Мандела, Обама изјави дека порадо се воздржува од средба со него.

„Од обзир кон неговиот мир“, изјави Обама. Тој со Мандела се сретна инаку во 2005 година во Вашингтон.

Американскиот претседател во Јужна Африка, втора од трите држави кои ќе ги посети за време на африканската турнеја, пристигна синоќа. Обама во Преторија пристигна заедно со сопругата Мишел и двете ќерки, а на аеродромот беше пречекан од високи политички претставници на Јужна Африка. За време на посетата Обама разговараше со јужноафриканскиот претседател Џејкоб Зума, а го посети и Совето, местото од каде почна борбата против апартхејдот, како и островот Робен, каде Нелсон Мандела помина поголем дел од заточеништвото долго 27 години.

Пред пристигнувањето на Обама околу илјада синдикалци демонстрираа во Преторија, а на транспарантите го обвинуваа за „воени злосторства“. И за викендов се закажани повеќе протестни собири.

Обама по Јужна Африка турнејата ја завршува со посета на Танзанија.

Првата негова станица беше Сенегал, каде вети американска поддршка во развојот на земјоделството. На средбата стигнаа илјадници сенгалски селани, мали претприемачи и бизнисмени. Многу од нив се погодени од намалените приноси на жетвата, кои ги редуцираат и примањата на земјата и предизвикуваат стравување од недостиг на храна за населението.