1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Обама ги преиспитува тајните служби

5 јануари 2010

20-тина шефови на тајни служби, министерства и советници за безбедност во Белата Куќа во обид да објаснат како е можно еден исламист за малку да дигне во воздух авион со 300 патници, иако постоеле информации за него.

https://p.dw.com/p/LLOs
Обама е наводно лут поради некоординираноста на тајните служби во САДФотографија: AP

Британската разузнавачка агенција МИ5 ги известила американските разузнавачки и безбедносни агенции уште во октомври 2008 година дека Нигеријанецот Умар Фарук Абдулмуталаб е „потенцијално опасен човек.

Вашингтон тврди дека Британците никогаш не им доставиле на САД сознанија за делувањето на Нигеријанецот додека престојувал во Лондон, пред божиќниот неуспешен терористички напад во американскиот авион што леташе на линијата од Амстердам до Детроит.

Изјавата од Лондон доаѓа пред оддржувањето на состанокот во Белата куќа околу состојбите и пропустите на американските безбедносни и разузнавачки служби и таа може да го засили притисокот врз претседателот Барак Обама, кого домашната опозиција веќе остро го критикува за грешките на администрацијата во врска со безбедноста на САД.

Но на прашањето „кој е виновен?“ во САД тешко се доаѓа до одговор, а една од причините е и во тоа што земјата има вкупно 16 тајни служби, кои неретко, не соработуваат меѓу себе.

Вкупно 20 шефови на тајни служби, министерства и високо рангирани советници за безбедност денеска во Белата Куќа ќе се обидат да објаснат како е можно да дојде до таквата грешка. Односно, како е можно еден исламист, со експлозив во гаќите, за малку да дигне во воздух авион со 300 патници, иако постоеле информации за него.

Грешка во системот

Во конкретниот случај, системот не функционираше, вели Џон Бренан, заменик-советник за национална безбедност на Обама.

„Имало човечки но и други грешки. Мораме да го зајакнеме системот“, вели Бренан, кој 25 години работел за ЦИА. Неговата задача е да го истражи случајот, да пронајде дупки во системот и да дознае на кое место тајните служби не соработувале добро. Но, тоа не е едноставно имајќи предвид дека САД имаат вкупно 16 тајни и безбедносни служби кои понекогаш се и во ривалски однос.

Delta in Detroit - Terror - Northwest
Авионот на „Делта“ кој беше цел на неуспешниот терористички напад за БожикФотографија: AP

Поранешниот потпретседател, републиканецот Дик Чејни го обвини Обама дека се до неуспешниот атентат не и посветил доволно внимание на борбата против тероризмот. Но, Томас Кини, републиканец кој беше творец на извештајот за работата на тајните служби во пресрет на нападот од 11 септември, вели дека во неуспешниот атентат може да се види и нешто позитивно.

„Забележавме дека системот не функционира. Претседателот тоа го сфати и сега работиме на тоа да го подобриме. Се на се, можеме на Бога да му заблагодариме што никој не е повреден. Атентаторот на крајот на краиштата ни направи услуга. Сега сме далеку побудни“, вели Кини.

Автор: Ана Енгелке/Борис Георгиевски

Редактор: Жана Ацеска