1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Обама: Договор ќе постигнеме навреме

Александар Методијев/ап/ројтерс5 октомври 2013

Претседателот на САД Барак Обама не очекува Конгресот да го прекрши крајниот рок за зголемување на националниот лимит за задолжување. Тој е подготвен да преговара за промени во потпишаниот закон за здравствена заштита.

https://p.dw.com/p/19uCw
Фотографија: REUTERS

Обама изјави и дека ќе се обиде да пронајде начини за кратење на трошоците, но нагласи дека тоа нема да се случи додека Конгресот не дозволи кревање на плафонот за нови задолжувања. Тој е убеден дека мнозинството од претставниците во Конгресот сакаат да гласаат за ставање крај на делумното затворање на владините институции и за кревање на лимитот за задолжување без дополнителни условувања.

„Би сакал да се обложам дека во моментов има доволно гласови во Претставничкиот дом со кои би се осигурало дека САД на крајот нема да завршат како безделници“, рече Обама.

Ваквите оценки американскиот претседател ги даде во интервју за новинската агенција Асошиетед прес. Обама не очекува дека ќе се случуваат некакви невообичаени чекори и оценува дека кредитниот лимит, кој сега изнесува 16,7 илјади милијарди долари, ќе биде кренат до крајниот рок – 17 октомври.

Републиканците бараат кратење во федералните програми и во идните дефицити, за да ги дадат своите гласови.