1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Обама и Путин разговараа за Сноуден

Александар Методијев/афп/миа13 јули 2013

Американскиот претседател Барак Обама синоќа разговараше со неговиот руски колега Владимир Путин, откако претходно Белата куќа ја предупреди Москва да не му дава на Едвард Сноуден „основа за пропаганда“ со давањето азил.

https://p.dw.com/p/197C7
Фотографија: Reuters

Телефонскиот повик на Обама следуваше откако Сноуден вчера на состанок со претставници на невладини организации објави дека побарал привремен бегалски статус во Русија, се' до моментот додека не пронајде начин да оствари постојан азил во Јужна Америка. Белата куќа не објави детали од разговорот меѓу двајцата претседатели (на насловната архивска фотографија). Американски функционери претходно ја предупредија официјална Москва дека со давањето на таков статус на Сноуден ќе ги поткопа своите изјави дека не сака да ги наруши односите со Вашингтон. Портпаролот на Белата куќа Џеј Карнеј ја потсети „руската влада на претходните декларации за руска неутралност“.

„Тоа не е во согласност со руските изјави дека тие не сакаат господинот Сноуден натамошно да им наштетува на американските интереси“, додаде портпаролот на Белата куќа.

Јужноамериканските лидери го бранат азилот

Вашингтон сака Сноуден да го врати дома поради шпионажа и покажува гнев поради тоа што тој дозволи протекување на разузнавачки информации. Но, да го добијат Сноуден се борат и Венецуела, Боливија и Никарагва, три држави раководени од левичарски влади, кои нему му понудија азил. Јужноамериканските лидери го бранат своето право да му понудат азил на 30-годишниот Американец.

Venezuela Mercosur Juli 2013
Меркосур се одржува во Монтевидео, ВенецуелаФотографија: imago stock&people

На самитот на регионалниот блок Меркосур во Монтевидео, јужноамериканските лидери критикуваа четири европски земји кои го затворија својот воздушен простор и го задржаа авионот на боливискиот претседател Ево Моралес, поради сомневање дека во него се наоѓа и Сноуден. Бразил, Аргентина, Уругвај и Венецуела планираат да побараат официјално појаснување од четирите европски земји за ваквата нивна одлука. Уругвајскиот министер за надворешни работи Луис Алмагро изјави дека четирите држави од Меркосур ќе ги повикаат своите амбасадори во овие европски земји поради консултации за случајот.

Моралес изјави дека земјите од Меркосур би требало да формираат правна комисија, која ќе поднесе тужба против САД за шпионажа во Латинска Америка и други делови во светот. Венецуелскиот претседател Николас Мадуро на самитот повика за засилена регионална сајбер безбедност, откако беа објавени документите од страна на поранешниот соработник на Националната агенција за безбедност на САД.

Сноуден покрена бројни прашања за човековите права

Snowden trifft Menschenrechtsaktivisten in Moskau
Сноуден вчера на аеродромот во Москва се сретна со активисти за заштита на човековите праваФотографија: Reuters

Случајот со Едвард Сноуден, и откриените од него масовни нарушувања на неприкосновеното право на личен живот, покренуваат серија важни прашња, кои државите не можат да ги занемарат, изјави високиот комесар за човекови права на Обединетите нации Нави Пилај. Ова е првиот нејзин коментар за случајот со поранешниот соработник на ЦИА и НСА Сноуден, кој веќе три недели се наоѓа на транзитната зона на московскиот аеродром Шереметјево.

Според Пилај „набљудувањето без соодветни гаранции за заштита на неприкосновеното право на личен живот во пракса може негативно да се одрази врз почитување на човековите права и слободи“. Таа нагласи дека во член 12 од Универзалната декларација за човекови права и член 17 од Меѓународниот пакт за граѓански и политички права се наведува дека никој не треба да биде подложуван на самоволно мешање во неговиот личен живот, семејството, местото на живеење и комуникациите и оти секој човек има право на заштита перед законот од таквото мешање или интервенции. Според Пилај луѓето треба да бидат уверени дека нивната лична комуникација „не е предмет на неосновано следење од страна на државата“.