1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Обама и‘ се закани на Сирија

Жана Ацеска /дв/дпа/афп21 август 2012

Американскиот претседател Барак Обама се закани со воена интервенција во Сирија, доколку властите употребат хемиско или биолошко оружје. Јордан остро реагира на сириските ракетни напади.

https://p.dw.com/p/15tQc
Фотографија: dapd

Американскиот претседател за првпат отворено ја спомена можноста за воена интервенција во Сирија на прес-конференција во Вашингтон:

„Во овој момент се‘уште не сум наредил воена интервенција, но тоа ќе се случи ако биде употребено хемиско и биолошко оружје. Тоа би ги загрижило и сојузниците во регионот, вклучувајќи го и Израел, но и нас“, рече Обама.

Тој го предупреди сирискиот претседател Башар ал-Асад дека употребата на такво оружје би била „црвена линија“ преку која САД нема да можат да преминат.

Barack Obama USA Presse
Барак Обама го предупреди Асад уште пред еден месецФотографија: dapd

Пред околу еден месец изјавите на портпарол на сириското министерство за надворешни работи предизвикаа општа загриженост поради сирискиот арсенал на хемиско оружје. Портпаролот рече дека Сирија не би употребила хемиско оружје против бунтовниците во земјата, туку против „странските агресори“, што во странство беше протолкувано како закана од Дамаск. Еден ден подоцна портпаролот ја корегираше изјавата, истакнувајќи дека „неговата земја никогаш не би користела хемиско и биолошко оружје“. Уште тогаш Барак Обама го предупреди режимот на Асад да не прави „кобна грешка“.

Јордан ги осудува сириските ракетни напади

Во борбата против бунтовниците, сирискиот режим зачестено ги иритира и соседите. Во јорданското гранично место Тура во неделата (19.08) биле истрелани четири сириски гранати. Јорданската влада најостро ги критикуваше ракетните напади, врачувајќи му протест на сирискиот амбасадор во Аман. Во ракетниот напад било рането четиригодишно девојче. Во изминатите месеци вакви инциденти се случуваа и на либанско-сириската граница, а на границата кон Турција имаше и загинати и ранети.

Разгорување на борбите

Во сириската провинција Дараа, која граничи со Јордан, повторно дошло до жестоки судири меѓу армијата на претседателот Асад и противниците на режимот. Активисти тврдат дека имало 11 загинати во сопствените редови. И вчера продолжија борбите во сирискиот главен град Дамаск, во Алепо и други градови. Во неделата биле убиени над 130 луѓе низ целата земја, меѓу нив 83 цивили, соопшти опозиционата сириска Опсерваторија за човекови права. Во Алепо бил убиен јапонски новинар, како што потврди и министерството за надворешни работи во Токио.

Raketeneinschlag aus Syrien in Turra Jordanien
Во јорданското место Тура паднаа сириски гранатиФотографија: dapd

Францускиот претседател Франсоа Оланд вчера доцна попладнето во Париз го прими новиот посредник на ОН во сирискиот конфликт, Лахдар Брахими. Тоа беше прва средба на Брахими со еден од претседателите на петте вето сили во Советот за безбедност на ОН . Пред средбата, 78-годишниот египетски кризен дипломат како клуч за успех на неговата мисија го истакна единството во Советот. Русија и Кина со месеци блокираат во Советот за безбедност донесување поостри мерки против сирискиот претседател Асад. Франција во моментов претседава со Советот за безбедност на ОН.