1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

270410 Obama Unternehmergipfel

27 април 2010

Во Вашингтон се одржува дводневен самит на претприемачите од Америка и од муслиманскиот свет. На самитот станува пред се’ збор за тоа како да се засилат врските меѓу топ-менаџерите, фондациите и фирмите.

https://p.dw.com/p/N7S3
Барак Обама на самитот на претприемачите во ВашингтонФотографија: AP

Учесниците на самитот доаѓаат од преку 60 земји, од Уганда до Мароко и од Пакистан до Казахстан. Сите тие добија лична покана од претседателот Барак Обама, кој порача дека целта на средбата на 250-те делегации е: „Овде сме исто така затоа што, наспроти сите заеднички работи што не’ поврзуваат, сепак со годините се создадоа взаемна скепса и недоверба меѓу САД и муслиманските заедници ширум светот.“

obama--new-pray.jpg
Треба да отвориме нови патишта на соработка: Обама пред претприемачите од исламскиот светФотографија: ap

Нови патишта

Со помош на бројните панел-дискусии и предавања треба да се најдат нови патишта за соработка. На тоа поле има уште многу работа, порача Обама. Трговијата меѓу САД и муслиманските земји бележи дури напредок, но тоа е се’ уште на ниско ниво. САД имено имаат толкав обем на трговска размена само со соседно Мексико, колку со сите муслимански земји од целиот свет. Како првични мерки за потесна соработка Обама најави повеќе програми на размена, на пример за учители или за научници. Освен тоа жени од технолошката бранша треба да добијат дополнителна обука во САД. Обама уште најави дека за стручните лица од полето на телекомуникациите, здравствениот сектор и инфраструктурата ќе стави на располагање две милијарди долари од американскиот Фонд за технологија и иновации.

Добар потег

Ваквата претприемачка офанзија на американскиот претседател е важен инструмен на дипломатијата, смета Рашад Хусеин, вонреден амбасадор на САД при организација на Исламската конференција. „Нашите врски со муслиманскиот свет не сакаме да ги ограничиме на само една тема. Насилниот екстремизам не смее да биде единственото за што разговараме...“

Israel Flash-Galerie Netanjahu ein Jahr im Amt 2008 mit Obama
Вистински напредок ќе има кога ќе се разреши блискоисточниот јазол: Обама со израелскиот премиер НетанјахуФотографија: AP

Барак Обама доби големи пофалби за оваа иницијатива. Со тоа тој одржа едно од битните ветувања од говорот во Каиро пред една година. Но, експертите проценуваат дека решавачко поместување во односите меѓу светската супер-сила и земјите со муслиманско население ќе има дури кога ќе се појават јасни чекори на напредок по суштинските теми, како што се мировниот процес на Блискиот исток, како и војните во Ирак и Авганистан. Хуан Зарате од реномираниот Центар за стратешки и меѓународни студии со седиште во Вашингтон оценува дека претприемачкиот самит е мал чекор. Тој секако може да помогне за подобрување на општата клима во односите, но не може да ги надмине суштинските проблеми. Значи, од решавачка важност е што ќе се случува по самитот на претприемачите во Вашингтон.

Автор: Никол Марквалд/ Горан Чутаноски

Редактор: Александра Трајковска