1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Obama US-Geheimdienste

7 јануари 2010

Американскиот претседател Барак Обама добро ги искара шефовите на тајните служби за пропустот со атентаторот во американскиот патнички авион на Божик. Засега никој не е отпуштен, но...

https://p.dw.com/p/LMDX

Од Барак Обама се очекува да биде во најмала рака супермен: тој треба да ги оконча војните во Ирак и во Авганистан, што светската супер-сила ја чинат многу пари, но и животи на војниците. Тој исто така треба да го разврзе јазолот на деценискиот конфликт на Блискиот исток меѓу Израелците и Палестинците. Од Обама се очекува да победи и во спорот со Иран околу неговата атомска програма, да го победи тероризмот ширум светот, да обезбеди доволна национална сигурност за сограѓаните, да го затвори озлогласениот затвор во Гвантанамо, да им донесе нов систем за здравствено осигурување на Американците, па и да ја надмине најтешката економска криза и да донесе нови работни места... При сите тешки задачи младиот американски претседател уште не смее да му се замери никому, туку мора да се обиде на сите да им угоди.

Супермен го има само в кино

Очигледно е дека врз неговите плеќи лежи преголем товар. Барак Обама впрочем не е супермен! И со тој факт тој мораше да се соочи веќе поодамна. Најмоќниот човек на светот сепак нема толкава моќ, колку што многумина си мислат. Посебно затоа што за сите одлуки му е потребна поддршка од американскиот Конгрес, а таму не стојат комплетно зад него дури ни пратениците од редовите на неговата Демократска партија. Дека политичките противници од Републиканската партија се обидуваат да му најдат и најситна грешка, за тоа не треба ни да зборуваме. Поради најновиот инцидент со обидот за атентат во патничкиот авион на Божик, тие му префрлаат дека ги потценил опасностите што произгледуваат од меѓународниот тероризам. Иако ваквата критика се граничи со апсурд, кај избирачите во САД таа сепак има одредено влијание.

Удар за угледот на претседателот

Факт е дека американските тајни служби во случајот со патничкиот авион не беа на нивото на задачата што им е поставена. Пред се’ не им појде од рака да ги спојат веќе постоечките информации во вкупна слика, што би го спречило обидот за атентат. Згора на тоа неодамна се случи и инцидентот во Авганистан, каде еден двоен агент на Ал Каеда успеа да крене во воздух седуммина припадници на ЦИА. Тоа е натамошен удар за угледот на американските тајни служби, но и на претседателот Обама. Од неговата средба со шефовите на тајните служби не можеше да се очекува многу. Но, на среден рок претседателот нема да може да ја одбегне обврската за преструктуирање на разузнавачките служби, пред се’ што се однесува до нивното подобро меѓусебно поврзување. И тоа ќе биде мамутска задача за неговата администрација.

Типични маки?

Така Барак Обама се наоѓа под се’ поголем притисок на задачите и времето што му останува за нивно извршување. Може да се каже дека она со што е соочен Обама се типични маки на еден млад претседател на Америка. Тој очигледно сака да ја врати светската супер-сила на исправниот пат. Но, се чини дека каде и да се сврти, противниците се веќе таму.

Автор на коментарот: Клаус Кастан

Превод: Горан Чутаноски

Редактор: Жана Ацеска