1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Обама не сака да остава долгови

Ралф Сина24 февруари 2009

Откако ја донесе најголемата конјуктурна програма во историјата на земјата, претседателот Обама си постави уште една историска цел: до крајот на мандат да го преполови наследениот буџетски дефицит од 1,3 билиони долари.

https://p.dw.com/p/H09g
Барак ОбамаФотографија: AP

Барак Обама го ветува она што неговите пертходници го ветуваа, но малку од тоа исполнија. На состанокот за буџетот во Белата куќа тој изјави дека сака да го намали долгот кој му го остави во наследство претходниот претседател, Џорџ Буш: „Оваа администрација наследи дефицит во износ од 1,3 билиони долари, што е најголем минус во американската даночна и финансиска историја“, рече Обама. Колкава е таа сума зборува податокот дека во државната каса фалат долари во банкноти чија висина би била за 144 пати повисока од Монт Еверест, или сите Американци во наредните пет години без пари да трошат бензин по актуелните цени.

Краткорочно зголемување на минусот

Барак Обама потсетува дека само во 2008 година за камати биле платени 250 милијарди долари. Оваа сума според него, годинава ќе биде најмалку двојно поголема. Според прогнозите, дефицитот во првата година од владеењето на новата администрација ќе се искачи на 1,6 билиони долари. Барак Обама нема избор. Тој ќе мора дополнително да се задолжи за да ги спаси од банкрот банките, американската автомобилска индустрија, како и сопствениците на куќите кои не се во состојба да ја отплаќаат својата хипотека. Американскиот претседател е свесен дека програмата за спас ќе го зголеми дефицитот. Меѓутоа тој се надева дека тоа ќе биде краткорочно. До крајот на својот мандат, тој сака двојно да го намали дефицитот кој го наследи од Џорџ Буш. Од 1,3 билиони, на 650 милијарди долари. Тој нагласува дека тоа нема да биде лесно, но друга алтернатива не постои. Обама истовремено предупреди дека нема намера на идните генерации да им остави долгови, кои нема да можат да ги отплатат.

Контрола врз системот за здравствено осигурување!?

Börsenhändler an der Wall Street
Берзите повторно во минусФотографија: AP

Во меѓувреме се зголемува бројот на Американците кои се прашуваат како да се заштедат милијардите. Делумното повлекување на трупите од Ирак нема да помогне многу во израмнувањето на дефицитот. Исто така нема многу да помогне ниту зголемувањето на даноците за богатите. Советникот за финансии на Обама, Питер Оржаг, има една не многу јасна идеја. Тој смета дека мора да се стават под контрола трошоците за здравствено осигурување и тоа уште во текот на оваа година. Инаку САД во моментов имаат еден од најскапите и најнеефикасни здравствени системи во светот. Околу 50 милиони американски жители немаат здравствено осигурување. Оваа бројка се зголемува паралелно со порастот на невработеноста. Оние кои ќе ја загубат работата не можат да го платат осигурувањето бидејќи тоа е за една третина поскапо од парите кои ги добиваат како социјална помош. Сојузната држава Аљаска е само еден од таквите примери.

Идејата на Обама е да се троши само онолку со колку што се располага. Тоа беше финансиската особина на поранешниот претседател Бил Клинтон, која Обама сака да се врати. Целта е јасна, но не и патот како да се стигне до неа. Инаку додека Белата куќа најавува големо раздолжување, курсот на берзата на Вол стрит забележува голем пад. На американската влада и останува само надежта.