1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

230410 Obama Finanzmärkte

23 април 2010

По здравствената реформа, сега и реформа на финансискиот сектор. Американскиот претседател Барак Обама претстави пакет за преструктуирање на финансискиот сектор и дури наидува и на согласност кај политичките противници.

https://p.dw.com/p/N4PT
Барак ОбамаФотографија: AP

Пред една недела истиот говор за реформа на финансиските пазари, што синоќа Обама го одржа во Њујорк во непосредна близина на Вол Стрит, сигурно ќе беше далеку поборбен. Пред една недела, имено, републиканците во Сенатот, во заедничко писмо, предупредија против една таква реформа, сега меѓутоа, тие сепак искажуваат подготвеност за соработка. Согласно тоа, говорот на Обама беше јасен и жесток, но речиси без каква било полемика која тој со задоволство ја користи во односот со банкарите од Вол Стрит, за да ги придобие на своја страна за ова прашање неговите сограѓани.

Во Њујорк Обама предупреди: „Без реформа нашето општество стои на жив песок, кој нашите семејства, нашите претпријатија и економијата ги изложува на идни кризи.“

Дериватите се финансиско оружје за масовно уништување

Притоа, Обама се бранеше од постојаните обвинувања дека сака да го укине пазарот како инструмент на финансиското стопанство. „Верувам во силата на слободните пазари, а исто така и во силен финансиски сектор. Но, слободниот пазар никогаш не бил неограничена дозвола за земање се‘ што ќе се стигне, се’ едно како!“

USA Finanzkrise New York Börse Wall Street Straßenschild
Нови правила за Вол Стрит?Фотографија: AP

Нему конечно важно му е само едно, рече Обама: „Да се осигура целта дека даночните обврзници никогаш повторно нема да бидат задолжени, затоа што некое претпријатие се смета за премногу големо за да биде оставено да пропадне.“

Ова Обама сака да го постигне со цела редица регулативи. Кон ова спаѓа разделувањето на класичните банкарски зделки, значи издавањето кредити или вложувањето по налог на инвеститорот од една страна и шпекулациите за сопствена полза на друга страна. Кон ова се вбројува и надзорот на трговијата со комплицирани финансиски производи, наречени деривати. Тие, според Обама, се: „Финансиско оружје за масовно уништување“, и затоа веќе не смее да се тргува во полумрак, туку само отворено и транспарентно.

Создавање фонд за спас на банките во криза

Покрај тоа, Обама планира да создаде Организација за заштита на потрошувачите, која треба да ги советува потрошувачите пред склучувањето на хипотекарни кредити или други договори за кредитирање. Пакетот на Обама предвидува и повеќе моќ за акционерите за во иднина да можат да се спречат неверојатно големите примање на банкарите, како и 50 милијарди долари вреден фонд создаден со пари од банките. Со средствата од овој фонд, доколку е неопходно, а не од државната каса, треба да бидат плаќани идните акции за спасување на банките.

Опозициските Републиканци, меѓутоа, токму во овој фонд гледаат покана за ризични зделки. За тоа, но и за организацијата за заштита на потрошувачите сега сериозно ќе се преговара. Во моментов, барометарот во САД укажува на оптимизам, како што впрочем истакнува и републиканската сенаторка Кеј Бејли Хачисон: „Многу сме близу. Ние имаме иста цел. Сакаме никогаш повеќе да не се вели: Претпријатието е многу големо за да го оставиме да банкротира.“ Тоа истото впрочем веќе го потенцираше и Обама.

Автор: Ридигер Паулерт/ Симе Недевски

Редактор: Александра Трајковска