1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Обама презема одговорност за поразот

4 ноември 2010

Американскиот претседател Барак Обама презема целосна одговорност за дебаклот на Демократската партија на изборите за Конгресот. Причина за лошиот резултат, според Обама, се слабата конјуктура и високата невработеност.

https://p.dw.com/p/Pxqt
Барак ОбамаФотографија: AP

„Во изминатите две години постигнавме напредок, но очигледно премногу Американци се‘ уште не го почувствувале тој напредок и тоа вчера ни‘ го кажаа. Јас како претседател ја сносам одговорноста за тоа“, рече Барак Обама во Вашингтон. „Доколку невработеноста изнесуваше 5, а не 9,6 проценти, тогаш луѓето ќе имаа поголема доверба во нашата политика“, рече Обама.

Toј на републиканците им понуди тесна соработка. „Мора да најдеме заедничка основа за да постигнеме напредок“, подвлече претседателот: „Како што реков порано - ниту едно лице, ниту една партија нема монопол врз мудроста. Затоа сакам да ги слушнам добрите идеи од каде и да доаѓаат, кој и да ги предлага. Затоа верувам дека е важно да водиме искрена дебата за предизвиците со кои сме соочени. Затоа сакам да ги ангажирам и демократите и републиканците за сериозен разговор околу тоа каде одиме како нација“, рече Обама.

US-Präsident Barack Obama NO FLASH
Фотографија: picture-alliance/dpa

Републиканците, пак, сигнализираат дека и натаму ќе го застапуваат курсот на конфронтација. Обама не успеа, вели идниот лидер на републиканското мнозинство во Конгресот, Ерик Кентор. „Луѓето повторно сакаат влада која им припаѓа ним“, нагласува Кентор. Републиканците бараат драстично штедење, намалување на државната помош и кратења во здравството.

Дали ќе има промени во надворешната политика на САД?

И покрај поразот на претседателот, светот смета дека ќе продолжи досегашната насока на американската надворешна политика. Германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле оценува дека американската надворешна политика нема да претрпи големи промени, додека координаторот на германската влада за трансатлантска соработка, социјалдемократот Ханс-Улрих Клозе вели: „Сигурно е во секој случај дека Обама е ослабнат на внатрешнополитички план. Тоа, меѓутоа, може да биде и предност. Со оглед на тоа што републиканците сега имаат големо мнозинство во Претставничкиот дом, доколку продолжат како досега за се‘ и сешто да велат не, луѓето ќе ги категоризираат како партија која не дава резултати, а тоа во Америка е голем проблем.“

Dossierbild USA Wahlen Midtermelections Capitol House of Representatives Bild 2
Фотографија: AP

Сите политички партии во Германија оценуваат дека барањето компромиси меѓу деморкатите и републиканците нема да биде едноставно, веќе и само поради тоа што натпартиската политика, каква што сега бара претседателот Обама, со години повеќе слабее отколку што се зголемува.

Автор: Рихард Фукс/ Елизабета Милошевска Фиданоска/ дв

Редактор: Александра Трајковска