1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Обама: Работни места и образование!

ЖА/ард/Мартин Ганслмаер/дв13 февруари 2013

Американскиот претседател Барак Обама во говорот за состојбата на нацијата ги повика двете партии во Конгресот на заеднички напори во економијата, залагајќи се пред се‘ за јакнење на средната класа.

https://p.dw.com/p/17dEM
Фотографија: AFP/Getty Images

Всушност, надворешната политика во говорот на американскиот претседател требаше да игра само споредна улога. Но, еден ден по атомскиот тест на Северна Кореја, Барак Обама не можеше да ја заобиколи темата. Тој го осуди атомскиот тест на Северна Кореја како провокација, која осиромашената земја уште повеќе ќе ја изолира во меѓународни рамки. Во врска со иранската атомска програма, Обама ја предупреди владата во Техеран: се‘уште има време за дипломатско решение, но Америка ќе направи се‘ што е потребно за да спречи создавање иранска атомска бомба. Истовремено, тој најави преговори со руската влада околу намалување на обемот на постоечкото нуклеарно оружје.

Најважната надворешнополитичка цел на вториот мандат на чело на државата Обама ја гледа во повлекувањето на американските војници од Авганистан:

„Денеска можам да објавам дека идната година од Авганистан ќе се вратат уште 34 илјади војници. Повлекувањето на трупите ќе продолжи, така што кон крајот на 2014. година војната во Авганистан ќе биде завршена“.

Време за инвестиции

Крајот на деценијата војни на Америка и‘ нуди повторно поголем маневарски простор за инвестиции во сопствената земја, за изградба на модерна инфраструктура, образование и научни истражувања.

Претседателот во овој контекст тежиште стави и на уште една надворешнополитичка тема со економско значење. Додека во својот говор при инаугурацијата пред три недели, Обама не ја ни спомена Европа, сега најави почеток на официјални преговори со ЕУ околу договор за слободна трговија:

„Фер и слободна трговија преку Атлантикот за милиони луѓе ќе обезбеди добро платени американски работни места“.

Во средиштето на обраќањето до нацијата беа сепак темите кои на Американците им задаваат најголеми грижи: енормниот државен буџетски дефицит и се‘ поголемата невработеност.

Kongress / USA / Obama / Rede zur Lage der Nation
Фотографија: Reuters

Јакнење на средниот слој

Обама енергично се спротивстави на барањата на Републиканската партија за поголеми кратења на издатоците. Владата треба да продолжи да инвестира во развој на широка основа, за да не го загрози економскиот полет. Само намалувањето на дефицитот не претставува никаков економски план, смета Обама:

„Растечко стопанство, кое постигнува отворање нови работни места, посебно за средниот слој, мора да биде биде ѕвезда-водилка на нашите напори“.

Клучот за долгорочен економски развој американскиот претседател го гледа во реиндустријализација на земјата. Како позитивен пример тој го посочи шефот на Епл, Тим Кук, чија фирма повторно произведува повеќе производи во САД.

Пофалби за германското образование

Обама се залага и за промени во образованието. За обезбедување доволно квалификувани вработени, потребно е подобрување на образованието, смета Обама, посочувајќи го примерот на Германија како добар и за САД.

Барање за построги закони за оружје

Емоционалната кулминација на околу едночасовниот говор стигна при неговиот крај, кога претседателот повторно побара построги закони за оружјето и поддршка од Конгресот на оваа тема. Ова е долгот кон семејствата од Њутаун и Аурора, подвлече Обама. Меѓу присутните гледачи во Капитол кои зборовите ги поздравија со аплауз беа и бројни роднини на жртвите на масакрите.