1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Обама сака да го засили притисокот врз Асад

ЖА/афп/ртре15 февруари 2014

Американскиот претседател Барак Обама во Калифорнија разговараше со јорданскиот крал Абдула Втори околу сирискиот конфликт. Во Јордан моментно има над 600 илјади бегалци од Сирија.

https://p.dw.com/p/1B9gM
Фотографија: Reuters

Со оглед на блокадата во напорите за решение на конфликтот во Сирија, американскиот претседател Барак Обама најави зголемување на притисокот врз сирискиот претседател Башар ал-Асад.

„Постојат одредени чекори кои можеме да ги преземеме за да извршиме поголем притисок врз режимот на Асад“, изјави Обама вчера при средбата со јорданскиот крал Абдула Втори.

Обама не соопшти детали за можните мерки против сирискиот режим.

Американскиот претседател и јорданскиот крал се согласни дека не е доволно третирање на симптомите во сириската криза, туку треба да се пристапи кон решавање на основните проблеми. Претходно Обама практично призна неуспех на преговорите на сириските конфликтни страни во Женева. И втората преговарачка рунда со посредство на ОН вчера не донесе никаков резултат, а сепак двете страни и денеска ќе се сретнат уште еднаш во Женева.

Обама му вети помош на Јордан, кој прибра околу 600 илјади бегалци од соседната Сирија. Американската помош во форма на кредитна гаранција би изнесувала околу една милијарда долари. Освен тоа, ќе продолжи пакетот помош за Јордан во висина од 660 милиони долари годишно, кој истекува во септември. Абдула Втори се заблагодари за големата помош од Вашингтон и истакна дека неговата земја Јордан останува оаза на стабилноста во регионот.