1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Обама сака здравствено осигурување за сите Американци

23 јули 2009

Економијата во САД може да направи пробив само со сеопфатна реформа на здравството, американскиот претседател Барак Обама не се откажува од ова убедување и повторно јавно ги претстави своите планови.

https://p.dw.com/p/Ivra
Барак ОбамаФотографија: AP

Обама покрај приватниот систем на здравствено осигурување сака да воспостави и државен систем, со што здравствената заштита ќе стане поефикасна и поефтина.

Тој сака да го поправи расположението, да ги натера Американците да сфатат дека со растечките трошоци во здравствениот систем не може натаму. „Ако овие трошоци не ги ставиме под контрола, нема да можеме да го ставиме под контрола ниту буџетскиот дефицит. Реформата на здравството не е нешто што се однесува само на 47-те милиони Американци, кои немаат никакво здравствено осигурување. Реформата го засега секој Американец, кој веќе почувствувал што значи страв од губење на осигурувањето поради тешка болест или поради тоа што останал без работа.“

Gesundheitswesen in den USA Meltdown Krankenhaus
Болница во ФлоридаФотографија: AP

Надеж во добро здравје

Во моментов милиони луѓе живеат во надеж дека нема да се разболат или да доживеат некоја незгода. Секој трет млад Американец нема здравствено осигурување, како Хоган Горман, која по сообраќајка не може да работи две години, а веќе има направено долгови од повеќе од 20 илјади долари: „Многу од луѓето воопшто не знаат што значи да се биде болен или повреден“, вели таа.

Здравственото осигурување во САД не е задолжително. Мнозинството луѓе се осигурани преку своите фирми. Но, трошоците за тоа растат, па фирмите ги откажуваат осигурувањата за своите вработени. Причината се енормно високите административни и вкупните здравствени трошоци. Споредено во меѓународни рамки, здравствената состојба на американското население е лоша. Оној кој не е осигуран, добива медицинска помош само во итен случај. „Она што се случува во болниците е ужасно, станиците за брза помош се преполни, луѓето не ја добиваат помошта која им е потребна. Тотална криза“, вели Елизабет Бенџамин, претставник на неосигураните од Њујорк.

Symbolbild Medizin Operation Baby
За операциите треба цело богатствоФотографија: picture-alliance/ dpa

Но, и на оние со здравствено осигурување не им е загарантирана заштита. Здравствените каси не плаќаат голем дел од лекарските услуги, а по правило во трошоците пациентите учествуваат со висока партиципација. За многумина Американци тешката болест значи истовремено и банкрот. Барак Обама со својата реформа сака токму тоа да го спречи.

Автор: Елке Сандтер/ Жана Ацеска

Редактор: Александра Трајковска