1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Обама со спот за „вампирот“ Ромни

Александар Методијев/бета/ројтерс15 мај 2012

Изборниот штаб на американскиот претседател Барак Обама објави негативен телевизиски спот на сметка на противкандидатот – републиканецот Мит Ромни, означувајќи го него како виновник за губење работни места.

https://p.dw.com/p/14vdD
Фотографија: AP

Во спотот зборуваат поранешни работници на челичарницата „ГСТ Стил“, која била купена, па затворена од фирмата „Бејн Капитал“, на која сосопственик е Мит Ромни. Во двоминутниот спот еден од работниците го нарекува Ромни „уништувач на работни места“, како и дека „нема да има слух за обичните луѓе“.

„Како вампир (Бејн Капитал, н.з.) дојде и го исцица животот од нас“, зборува во видеото поранешниот работник во челичарницата Џек Коб.

Тимот на Обама се обидува со видео спотот да го растури имиџот на Ромни за успешен бизнисмен. Тој ќе се емитува на телевизиските станици во државите Ајова, Охајо, Пенсилванија, Вирџинија и Колорадо. Случајот што се третира во видеото е од 1993 година.

„Најголем дел од Американците знаат дека кога компанијата оди во банкрот, не се заминува со милиони долари за себе и за своите партнери, додека работниците се оставени на просјачки стап“, изјави пред новинарите Стефани Карер, заменик менаџер на кампањата на Обама.

Претставници од штабот на Ромни одговорија на ваквата кампања со обвинување дека Обама се обидува да ги пренасочи гласачите од своите економски постигнувања.

„Мит Ромни помогна да се создадат повеќе работни места преку неговото искуство во приватниот сектор и повеќе работни места како гувернер на Масачусетс. Ако администрацијата на Обама беше помалку загрижена за задоволувањето на своите богати донатори, а повеќе загрижена за создавањето работни места, Америка ќе беше подобра“, рече претставник на тимот на Ромни.