1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Обама ја сака Македонија во НАТО

4 април 2009

Американскиот претседател Барак Обама ги поздрави новите НАТО членки, Албанија и Хрватска. Тој во Стразбур изрази уверување, дека во иднина ќе може да и посака добредојде и на Македонија.

https://p.dw.com/p/HQ6n
Американскиот претседател Барак ОбамаФотографија: AP

Американскиот претседател Барак Обама со нетрпение го очекува денот кога ќе може да ја поздрави Македонија како членка на Алијансата.

Ова тој го изјави во говорот при свеченото отворање на официјалниот работен дел од самитот на НАТО – пактот, што се одржува во Стразбур и Кел. Поздравувајќи го членството на Албанија и Хрватска, како нови земји сојузници, Обама не ја заборави Македонија. Според американскиот претседател, вратите на НАТО ќе останат отворени за сите земји кои ги исполнуваат стандардите на НАТО и кои ќе даваат значаен придонес за безбедноста на Алијансата.

Отсуството на Македонија од јубилејниот самит и не зачленувањето во НАТО е поради блокадата од страна на Грција поради проблемот со името. Според најавите од грчките медиуми, премиерот на Грција Костас Караманлис денес би требало да раговара за овој проблем со американскиот претседател Барак Обама, кој во поздравниот говор ја именува Република Македонија, со Македонија.

Според шефот на словенечката дипломатија Самуел Жбогар, лидерите на НАТО, синоќа по работната вечера во германскиот град Баден-Баден, на која беше усогласувана Декларацијата за безбедност на Алијансата, разговарале и за Македонија и се заложиле за што поскорешно решавање на прашањето за името. Според Жбогар, големо внимание било посветено на состојбата на Западен Балкан.

Aвтор: Тони Гламчевски

Редактор: Александра Трајковска