1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Обвинетите од „Монструм“ немаат косовско државјанство

ЖА/макфакс18 мај 2013

Обвинетите за масакрот кај Смилковското Езеро, Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, немаат косовско државјанство, ниту пак некогаш поднеле барање за него, официјално потврди косовското МВР, пишува дневниот весник „Вечер“.

https://p.dw.com/p/18aJL
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Весникот „Вечер“ побарал одговор од косовското МВР дали и кога Демири и Исмаиловиќ поднеле барање за косовско државјанство и кога им било одобрено, на што било официјално одговорено во текот на истиот ден.

Во дописот од косовското МВР стои дека Демири и Исмаиловиќ никогаш не доставиле барање за државјанство во Одделението за државјанство, азил и миграција на Министерството за внатрешни работи на Република Косово.

Со ова се демантираат шпекуалциите дека Демири и Исмаиловиќ се и косовски државјани, како и изјавата на косовскиот министер за правда, Хајредин Кучи, кој во средата рече дека Косово не екстрадира свои државјани и дека обвинетите имаат двојно државјанство.

„Косово не ги испорачува своите државјани. За двете лица за кои станува збор можам да ви кажам дека се косовски државјани, односно имаат косовско и македонско државјанство. Во моментот тие се предмет на судски процес во Косово и тоа ја отежнува екстрадицијата“, изјави Кучи за порталот "Сетајмс".

Демири и Исмаиловиќ до крајот на месецот треба да се појават во приштинскиот суд, бидејќи се обвинети за недозволено држење на оружје и повеќе од сигурно е дека ќе бидат осудени, што само ќе ја пролонгира и онака неизвесната екстрадиција во Македонија.

„Сега се поставува прашањето зошто Косово не ги екстрадира двајцата осомничени и одлучи да ги држи во притвор и да им суди за далеку поблаго кривично дело во Приштина и која е вистинска цел зад оваа постапка, но и зошто не се придржуваат и го игнорираат договорот за екстрадиција што беше потпишан пред неколку години“ пишува весникот.

Демири и Исмаиловиќ беа уапсени на почетокот на март во приштинската населба Сончев Рид и им беше одреден екстрадициски притвор. Според обвинителниот акт за случајот "Монструм" двајцата биле непосредни извршители на ликвидацијата на петтемина цивили кај Смилковското Езеро (на фотографијата: полицијата го блокира местото непосредно по убиството).