1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

111011 Unternehmensanleihen

12 ноември 2011

Банкарската криза е причина зa средните претпријатија да побараат нови патишта за обезбедување капитал за финансирање на нивните дејности. Се‘ повеќе фирми ги откриваат обврзниците на претпријатијата.

https://p.dw.com/p/12wRr
Фотографија: Fotolia/Kzenon

Претпријатието „Рајф“ произведува тркала и гуми. За да преземе еден конкурент, фирмата од Баден Виртемберг пласираше обврзници во висина од 30 милиони евра:

„Тоа значи дека купувачите на обврзници ви даваат пари, за тоа добиваат, се разбира, камати и во рок од пет години парите им се враќаат. Но, купувачите немаат влијание врз раководењето со претпријатието, за разлика од банките“, објаснува шефот на фирмата Еберхард Рајф.

Кај банкарскиот кредит, банката како единствен доверител бара од претпријатието секакви можни мерки за сигурност, а освен тоа, фирмата зависи од економската ситуација во која што се наоѓа банката. Во најновава финансиска криза, претпријатијата значително ја почувствуваа воздржаноста на банките, вели Дирк Елберскирх, шеф на берзата во Диселдорф:

„Тешко е да се добие продолжување на кредитите или нови кредити. Многумина беа многу разочарани од своите банки и денес настојуват малку да се ослободат од зависноста од нив при финансирањето со надворешен капитал. Можност за тоа нуди отворениот пазар.“

Deutschland Wirtschaft Dirk Elberskirch Chef der Börse in Düsseldorf
Дирк ЕлберскирхФотографија: Börse Düsseldorf

Обврзниците овозможуваат ослободување од скапи банкарски кредити

Овој пазар е толку атрактивен, што берзата во Штутгарт, во мај 2010 година, отвори свој сегмент за обврзници што ги издаваат средните претпријатија. Следуваа и други берзи. Само на берзата во Диселдорф, меѓу април и јули, беа ставени во оптек обврзници на претпријатија во висина од 170 милиони евра. Во изминатите 12 месеци, 33 претпријатија ширум Германија земале речиси две милијарди евра на отворениот пазар. Дел од фирмите на тој начин се ослободиле од скапите банкарски кредити:

„Во прв ред станува збор за финансирање на порастот, што значи претпријатијата планираат да одат во странство или да го прошират асортиманот производи“, вели Елберскирх.

business
Важна е големината на претпријатиетоФотографија: Fotolia/laurent hamels

Важно е колку е голема фирмата и рејтингот

Според него, големината на претпријатието игра важна улога. Обврзниците на претпријатија се интересни само за фирми со годишен обрт од најмалку 50 милиони евра. Освен тоа, претпријатието мора да калкулира со подготвителен период од четири до шест месеци. Во тој период мора да биде издаден проспект. За се‘ да тече како што треба од правен аспект, мора да има адвокат. Тој се грижи...

„...проспектот да биде точен и комплетен и да биде спроведена постапка на одобрување кај Службата за надзор на финансиите“, вели Тобијас Гресингер, адвокат во адвокатската канцеларија Ц‘М‘С‘.

За да се добијат пари на пазарот на капитал, претпријатието мора да има и рејтинг. Агенцијата „Ојлер Хермес ГмбХ“ е специјализирана за проценка на претпријатија:

„Претпријатието го проценуваме така што прво се обидуваме да го разбереме бизнис-моделот. Потоа гледаме какви ризици презема претпријатието, каков е тампонот од сопствен капитал, какви приливи на пари му се потребни во некој специјален сегмент на пазарот, за да можат да се пресретнат ризиците кои се присутни во таа бизнис-сфера, кога на пример се влошува состојбата на пазарот, кога опаѓа обртот на средства и така натаму“, објаснува Ралф Гарн, раководител на рејтинг-агенцијата „Ојлер Хермес“.

За таа цел, негови соработници два дена го посетуваат претпријатието и еден месец прават проценка. Рејтингот мора да се обновува секоја година. Тоа, се разбира, не е бесплатно. Дирк Елберскирх од берзата во Диселдорф, вели:

„Еднократните трошоци изнесуваат меѓу три и пет проценти од износот на обврзниците што се издаваат, плус годишната камата.“

Symbolbild Börse IMF Weltwirtschaft
Ќе дојде до заладување, но не и до рецесија, предвидува РајфФотографија: picture-alliance / dpa

Реалната економија е постабилна отколку што се мисли

А таа не е мала. Вообичаено, каматната стапка за обврзниците на претпријатијата се движи меѓу седум и осум проценти. Тоа привлекува и приватни инвеститори, дотолку повеќе што обврзниците на средните претпријатија можат да се добијат по цена веќе од илјада евра, па нагоре. Тоа што државните обврзници во меѓувреме го загубија имиџот на ’сигурно пристаниште’, уште повеќе го засилува трендот на купување обврзници на претпријатија.

Адвокатот Гресингер на инвеститорите им советува да бидат свесни за ризикот:

„Високата каматна стапка која што се ветува, доаѓа, се разбира и од ризикот што обврзниците го носат со себе. Тоа не се сигурни обврзници како штедна книшка, туку се обврзници со ризик. Инвестирањето во едно претпријатие ги вклучува и ризиците кои се кријат во тоа, а мора да се смета и со неповратни загуби. Тоа е чиста релација меѓу ризикот од неповратна загуба и камата. Колку е повисока каматата, толку е повисок и ризикот.“

Претпријатието „Рајф“ на инвеститорите им ветува камата од седум проценти годишно, дури и ако на конјуктурата и‘ оди лошо:

„Сметаме дека ќе дојде до заладување, но не и до рецесија. Реалната економија е значително постабилна, отколку што многумина веројатно мислат.“

Автор: Џанг Данхонг / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Ж.Ацеска