1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Обезбедено трето учество на Светските првенства

СН/АМ/миа17 јуни 2012

Македонската ракометна репрезентација со вкупен резултат 53:51 во бараж дуелот со Австрија избори пласман на СП во Шпанија. По Египет и Хрватска, ова ќе биде трето учество на Македонија на ракометните мундијали.

https://p.dw.com/p/15GdO
Фотографија: picture-alliance/Pixsell

Македонските ракометари синоќа (16.06.2012) и покрај поразот од Австрија со 30:27 избори пласман на Светското првенство што следната година ќе се одржи во Шпанија. Македонија натпреварот во Виена го почна со предност од пет голови од првиот дуел, па поразот на реванш баражот не влијаеше на вкупниот резултат – 53:51 за Македонија.

Во „Алберт Шулц Хале“ македонските ракометари имаа поддршка и од македонските навивачи, кои и во оваа пригода беа присутни и дојдоа да ги бодрат. Во таква атмосфера Македонија го контролираше резултатот, а и двете селекции се менуваа во водството. Во финишот на првиот дел по тајм-аутот на нашата клупа Македонија поведе и водството го зачува до крајот на првиот дел – 14:13.

Ако во првото полувреме капитенот Кирил Лазаров имаше максимален учинок 6 голови од исто толку обиди, на почетокот на вториот дел се разигра Наумче Мојсоски, кој од шест голови постигна четири и во 42.минута Македонија вторпат водеше +3 (20:17).

Кога нападот почна да паѓа, на голот се истакна Борко Ристовски, кој на петте одбрани од првиот дел во второто полувреме додаде 9 за вкупно 14. Но, тоа не беше доволно да се зачува водството, бидејќи Австрија со серија од 4:0 поведе во 52-та минута.

EM Handball Mazedonien gegen Schweden
Капитенот Кире Лазаров повторно беше најефикасен со 9 постигнати головиФотографија: Reuters

Во „брканицата“ на теренот во последните минути, македонските ракометари знаеја да постигнат голови кога требаше за на крајот заедно со околу 1.000 македонски навивачи да го прослават пласманот на третото Светско првенство, по Египет 1999 година и Хрватска 2009 година.

На крајот Австрија победи 30:27. Кирил Лазаров со 9 голови беше најефикасен, Наумче Мојсоски постигна 7, а толку пати мрежата на македонските голмани ја погоди и најпрецизниот кај домаќинот Ројанд Шлингет.

Покрај Македонија на Светското првенство се пласираа: Русија, Словенија, Унгарија, Исланд и Црна Гора.

На вчера одиграните реванш бараж натпревари беа постигнати следниве резултати: Чешка – Русија 27:31 (54:49 вкупно за Русија), Португалија – Словенија 26:27 (58:52 за Словенија), Норвешка – Унгарија 31:27 (54:52 за Унгарија), Холандија – Исланд 24:32 (73:51 за Исланд) и Црна Гора – Шведска 20:18 (41:40 за Црна Гора).

Денеска се играат уште три натпревари: Полска – Литванија (24:17 на првиот натпревар), Белорусија – Словачка (26:24) и Босна и Херцеговина – Германија (24:36).

Пласман на СП имаат обезбедено: Франција како светски шампион, Данска, Србија и Хрватска (најдобропласирани од ЕП 2012) и Шпанија како домаќин.