1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Обележувањето на македонско-косовската граница ќе трае уште една година?

Александар Чомовски11 септември 2008

Обележувањето на 200 километри долгата косовско-македонска граница е услов кој од македонска страна се истакнува како гаранција за добрососедство и признавање на независноста на Косово.

https://p.dw.com/p/FFyR
Од почетокот на демаркацијата на границатаФотографија: MIA

Македонско-косовската граница се обележува по планот на финскиот дипломат, Марти Ахтисари. Пирамидните столбови се поставени на неспорните меѓи кон Косово, на 80-ина километри долж границата. Приштинските власти го прават обележувањето и на т.н. спорна зона, кај скопска Црна Гора. На Косово ќе му биде вратена површина од 1000 до 2000 хектари, за која Косовците тврдат дека е на нивна територија. Со оваа динамика на обележување на 200 километри долгата македонско-косовска граница, се очекува финишот да биде по една година. Овој услов властите од Скопје постојано го истакнуваат како гаранција за добрососедството и признавање на независноста на Косово. Меѓутоа, претседателот на Македонија, Црвенковски, побара од косовските власти гаранциии дека ќе го признаат уставното име на Македонија, како противуслов за признавање на новата држава: „Македонија има интерес претходно да се обележи целосно, навремено и објективно, без било какви отстапувања границата помеѓу Косово и Македонија; и втора работа е Косово да го признае, уважува и употребува нашето уставно име.“

Нема ултиматуми

Владата, а вчера и премиерот Груевски одбегна да го коментира условувањето – признавање на Косово со уважување на уставното име на Македонија. Овој своевиден ултиматум го отфрлија и косовските официјални претставници, Фатмир Сејдиу и Хашим Тачи. Вицепремиерот на македонската влада, Абдулаќим Адеми (ДУИ), реагираше: „Нема да има условување за признавањето на Косово. Изјавата на претседателот на државата беше дадена од политички аспект и создава услови владата на Македонија да ги комплицира односите со Косово.“

Владата во Скопје се` уште не открива кога официјално ќе ја признае косовската реалност. Кога влегуваше во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ најави брза одлука за независно Косово. Од друга страна, опозициската ДПА, која го бојкотира парламентот, деновиве влезе во него само да иницира донесување на собраниска резолуција за признавање на Косово.